Јаневски задоволен од Хасани и Јаховиќ, го загрижува одбраната

Македонката фудбалска репрезентација против Словенија ја забележа својата прва победа, а 19 години подоцна против истиот противник ја запиша јубилејната 50-та победа.

Избраниците на Чедомир Јаневски, во пријателски натпревар, во средата навечер, на ‘Филип Втори’ победија со 3:2, со головите на Тасевски (прв гол во националниот), дебитантот Јаховиќ и Ибраими, кој постигна погодок и во третиот последовен меч во дресот со државниот грб.
Контролната средба, дојде во вистински момент за Јаневски, кој во отсуство на неколку стандардни играчи можеше да се увери во квалитетите на неколкумина играчи кои досега беа во втор план.
Исто така, македонскиот селектор, уште еднаш можеше да ги види добрите и лошите страни во играта на неговите избраници.
Треба да го радува играта до 65-та минута, но она што ќе го загрижи е играта во одбраната, по чии грешки Словенците постигнаа два гола.
„Мислам дека играчите треба да работат повеќе во своите клубови, особено одбрамбените фудбалери, бидејќи на вакви натпревари секоја грешка се казнува. Не бевме на висина на задачата, немавме добро поставување кај Лазевски. Но ова му е прв пат да згреши, тој одигра добро против Србија“, рече Јаневски.
Селекторот призна дека во финишот се решил во игра да го внесе поискусниот Георгиевски, а не Цикарски бидејќи решил да одигра на резултат, односно да се сочува водството.
Јаневски изненади со поставувањето на Хасани, во улогата на креативен играч од редот за врска, задача која играчот на Вофлсбург одлично ја одработи.
„На таа позиција имаме дефицит и во домашното првенство и кај оние кои настапуваат надвор, сега добив можност на таа позиција да го испробам Хасани. Верував дека нема да има проблеми при изнесување на топката и градењето на нападите, единствено не бев сигурен како ќе одигра во дефанзивата. Многу сум задоволен како одигра 65 минути додека имаше сила, потоа падна во ритамот и сам побара замена, инаку го планирав да го одигра целиот натпревар“, рече македонскиот селектор.
Јаневски не го криеше ниту задоволството од настапот на Адис Јаховиќ играчот на Цирих.
„Во овој момент можам да кажам дека сум задоволен, нам ни треба висина, ни требаат корпулентни играчи. За прв натпревар во македонската репрезентација добро одработи и можам да бидам задоволен од неговиот настап. Сепак него му недостасува прволигашки ритам, бидејќи претходно играше во понизок ранг, но се надевам дека ќе ни донесе квалитет во репрезентацијата“, истакна селекторот.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: