Македонската фудбалска репрезентација, во контролен натпревар забележа победа над Словенија со 3:2 (2:0).
Избраниците на селекторот Чедомир Јаневски одиграа добар натпревар, а до победата стигнаа благодарение на играта која ја прикажаа до 65.минута.
Стрелци на головите за Македонија беа Тасевски, Јаховиќ и Ибраими, двата гола за Словенија ги постигна Печник.
Ова беше втора победа по ред за Македонија, откако минатиот месец во квалификациите, ‘црвено-жолтите’ забележаа победа нас Србија.
На натпреварот со Словенија, македонската репрезентација прв пат по пауза од над две години постигна повеќе од еден гол на натпревар.
Македонскиот селектор Чедомир Јаневски натпреварот го започна во стандардната 4-2-3-1 формација со Пачовски-Тодоровски, Грнчаров, Шиков, Лазевски-Демири, Тасевски-Ибраими, Ивановски, Хасани-Јаховиќ.
Двете репрезентации претпазливо го започнаа натпреварот и во таков развој на настаните, кога на теренот не се случуваше ништо, по првиот корнер на Словенците, Хасани играше со рака, по што судија Данило Грујиќ покажа на белата точка. Ударот од 11 метри во 9. минута го изведе Јасмин Куртиќ, но Томе Пачовски го прочита каде ќе бие и го одбрани неговиот удар.
По пеналот, ‘црвено-жолтите’ полека ја презедоа контролата врз топката и започнаа со конкретни акции да се заканат кон голот на Словенија.
Првата сериозна акција Македонија ја организира во 15. минута, кога Агим Ибраими упати удар од врвот на шеснаесетникот, Хандановиќ беше совладан, но топката заврши во дирекот.
Агим Ибраими се обиде во 18.минута од слободен удар, но топката упатен од 19 метри заврши малку над голот на Хандановиќ.
По промашениот пенал, на Словенците им требаше време да се соземат, во 25. минута, по акцијата на Кампл, се обиде Тим Матавж, но неговиот удар лесно го скроти Пачовски.
Две минути подоцна, Македонија поведе, кога одбиената топка од Келхар, Дарко Тасевски со прецизен удар од 12 метри го совлада немоќниот Хандановиќ. За фудбалерот на Кирјат Шмона ова беше дебитанскиот гол во неговиот 38-ми настап во дресот со државниот грб.
Примениот гол ги натера Словенците да заборават на дефанзивата и тргнат посериозно кон голот на Пачовски.
Јокич во 32.минута убаво проби по левата страна, нафрли приземна топка на која натрча Кампл но македонскиот чувар на мрежата уште еднаш одлично го одбрани својот гол.
Македонската репрезентација предноста ја удвои во 41. минута, кога по слободниот удар на Ибраими, највисок во скокот беше Адис Јаховиќ и од пет метри ја смести топката зад грбот на Хандановиќ. Напаѓачот на Цирих, во својот деби настап го постигна првиот гол во репрезентативниот дрес.
Словенците на стартот на второто полувреме веднаш ‘притиснаа’ кон голот на Мартин Богатинов кој влезе на местото на Пачовски и почетниот притисок резултираше со гол во 48.минута, кога лошата реакција на одбраната ја искористи нововлезениот Печник.
Само две минути подоцна, Македонија ја врати предноста од два гола, Агим Ибраими од 30-тина метри упати вистинска бомба која заврши во голот на Хандановиќ. Ибраими, трет натпревар по ред постигнува гол за репрезентацијата.
Македонскиот селектор направи две замени Трајковски и Стјепановиќ влегоа во игра на местата на Ивановски односно Тасевски.
Словенија, го намали резултатот на 3:2 во 62.минута, кога Крхин го со асистенција ја исфрли од игра целата наша одбрана, Печник излезе сам пред Богатинов и погоди. Втор гол на оваа средба за напаѓачот на Шефилд Венздеј, втор на оваа средба.
Извонредна шанса за гол имаше Тим Матавж во 73.минута, кога Демири невнимателно се обиде да врати една топка до Богатинов, напаѓачот на ПСВ излезе сам пред македонскиот чувар на мрежата се обиде да го заобиколи, доволно Шиков да стигне пред него и да ја исфрли топката во корнер.
Јаховиќ, стрелецот на вториот гол за Македонија е повлечен од игра во 75.минута, во игра влезе уште еден дебитант Дејан Блажевски.
До крајот на натпреварот Словенците повеќе ја контролираа топката, но ниту една од репрезентациите немаше посериозна шанса за постигнување гол.
Следниот меч Македонија ќе го одигра во квалификациите за пласман на Светското првенство, во Скопје на 22.март 2013 година, ќе гостува Белгија. Претходно Чедомир Јаневски ќе состави репрезентација од играчи кои настапуваат во домашното првенство и во декември ќе одигра контролен меч со Полска.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: