Три натпревара се одиграа во НБА лигата, во дербито на екипите кои го имаат најдобриот резултат. Њујорк го победи Сан Антонио со 104:100.
Никси и натаму остануваат единствениот тим без пораз во лигата, тие имаат скор 6-0.
Кошаркарите на Њујорк до победата стигнаа со серијата 22:11 направена во финишот на мечот откако на седум минути до крајот имаа негатива од 12 поени. Рајмонд Фелтон со 25 поени и 7 асистенции ги предводеше Никси до победата, покрај него уште се истакнаа Џејсон Кид со 14 поени и Тајсон Чендлер со 13 поени и 11 скокови. Првата ѕвезда на тимот Кармело Ентони постигна само девет поени.
Четворица кошаркари кај Сан Антонио постигнаа двоцифрен број на поени: Тони Паркер (19 поени, 12 асистенции и 6 скока), Кави Леонард (16 поени и 9 скока), Тим Данкан (14 поени и 14 скокови) и Стивен Џексон (10 поени и 11 скокови). Екипата на Сан Антонио има седум победи и два пораза.
Кошаркарите на Мајами ја завршија тешката серија во која одиграа четири натпревари во пет дена. Актуелниот првак го победи Денвер со 98:93, иако играше без двајца стартери, Марио Чалмерс и Двејн Вејд.
Најдобар во редовите на шампионите од Мајами беше Леброн Џејмс со 27 поени, 12 асистенции и 7 скокови, 18 поени постигна Шејн Батије. Најдобар играч на Денвер беше Кенет Фариед со 16 поени и 20 скокови, Андре Милер влегувајќи од клупата мечот го заврши со 19 поени и 8 асистенции.
Бруклин Нетс ја забележаа четвртата последователна победа и стигнаа до скор 5-4. Бруклин го победи Бостон, во чии редови го немаше Режон Рондо со 102:97. Дерон Вилијамс и Брук Лопез со по 24 поени беа најефикасни кај Бруклин, кај Бостон Пол Пирс постигна 22, а Леандро Барбоса 17 поени.