7 совети за одржување на автомобилот во текот на зимата

Стандардните проблеми со кои се соочуваат возачите во текот на зимата може да станат минато ако ги примените овие совети.
На возачите воопшто не им е лесно во текот на зимата, особено ако немаат гаража каде што би го чувале автомобилот, па возилото мора да биде изложено на снег и временски непогоди.
Кај нас годинава уште не паднал снег во населените места, но секогаш е најдобро да го дочекате снегот подготвени.
Менување гуми, чистење снег и/или мраз што се насобрал на автомобилот секое утро, бришење замаглени прозорци се само некои од работите што им се случуваат на сите возачи во текот на зимата и кои одземаат многу време секој ден.
Ова се седум совети кои ќе ви помогнат да го одржувате автомобилот и во најстудените денови, а со кои ќе заштедите многу време.
1. Замрзнати прозорци
Измешајте оцет со вода во сооднос од 3:1 и ставете го растворот во шише со распрскувач и испрскајте ги замрзнатите прозорци за побрзо одмрзнување. Исто така, можете да се обидете да ја направите следната мешавина: измешајте 600 милилитри медицински алкохол со 200 милилитри вода и малку детергент за миење садови. Мразот многу брзо ќе се стопи откако ќе ги испрскате прозорците со овој раствор.


2. Замрзната брава
Еден од најлесните начини за одмрзнување на замрзната брава е да користите средства за дезинфекција на рацете. Алкохолот што се содржи во него ќе го отстрани мразот и ќе можете да го отклучите автомобилот. Само капнете неколку капки на клучот или на бравата и ќе видите колку брзо делува.
Можете да го пробате и овој стар трик: загрејте го клучот со запалка и ставете го во бравата.
3. Замрзната врата
Се случува вратата да се залепи за автомобилот поради мразот што се формирал во текот на ноќта. Сè што ви треба за да го спречите тоа е масло за јадење што можете да го испрскате на гумата на вратата или да го втриете со крпа за да спречите формирање на мраз. Затоа, следете ја временската прогноза за да знаете кога температурите ќе паднат сериозно под нулата.
4. Замаглени прозорци
Кога прозорците се замаглени, најлесно е да ги избришете со сунѓер што се користи за бришење училишна табла, бидејќи нема да оставите траги на стаклото. За да спречите појава на замагленост, наполнете стар чорап или крпа со песок за мачки и ставете го под седиштето. Песокот ќе ја апсорбира влагата и ќе спречи замаглување. Исто така, не оставајте отворени шишиња во автомобилот преку ноќ.
5. Замрзнати ретровизори
За да не се формира мраз на ретровизорите, можете да ги покриете преку ноќ со пластични кеси што ќе ги прицврстите со ластичиња. Наутро нема да има мраз и подготвени сте веднаш да тргнете.
6. Замрзнати или замаглени светла
За да го спречите ова, прво избришете ги светлата темелно и оставете ги да се исушат. Потоа нанесете тенок слој восок врз нив. Ова ќе спречи снег и влага да се акумулираат на нив во следните неколку недели.
7. Заглавени сте во снег
Освен ако не сте заглавени во снег до прозорецот, лесно е да излезете од автомобилот без ничија помош. Секогаш носете песок за мачки со вас. Ако автомобил ви заглави во снег или мраз, ставете песок околу гумите и ќе можете брзо да продолжите понатаму.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.