Поранешната фудбалска ѕвезда на Украина, Андреј Шевченко, ја одбил понудата да стане селектор на националниот тим, објави агенцијата „Интерфакс“.
Првиот човек на Фудбалската федерација на Украина, Анатолиј Конков, минатата недела, на Шевченко му го понуди селекторското место, кое е испразнето со заминувањето на Олег Блохин. Блохин, во септември, поднесе оставка на функцијата и седна на клупата на Динамо Киев.
„Сметам дека е прерано да ја прифатам селекторската функција“, рекол Шевченко, дополнувајќи дека националната федерација ќе има разбирање за неговата одлука.
Конков, образложувајќи ја својата одлука, минатата недела го спореди Шевченко со Пеп Гвардиола.
„Се сеќавате ли дека анонимниот тренер Гвардиола направи чудо со Барселона. Шевченко има огромно искуство со своите настапи во врвни тимови Динамо Киев, Милан и Челзи, кои беа предводени од легендарни тренери Валериј Лобановски, Карло Анчелоти и Жозе Мурињо“, изјавил Конков.
Легендата на украинскиот фудбал, во јули, по завршувањето на Европското првенство, стави крај на кариерата и објави дека ќе стане политичар. Неговата партија ’Напред Украина’, на изборите одржани минатиот месец не успеа да влезе во парламентот на Украина.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: