Франција ја завршува својата борбена мисија во Авганистан

Француската војска го напушти во вторникот кампот во Каписа, последната покраина во Авганистан во која се бореше и во којашто загуби најмногу војници, во рамките на забрзаното повлекување на својот контингент од оваа земја.

Последните 400 француски војници распоредени во нестабилната авганистанска покраина Каписа, североисточно од главниот град Кабул, почнале да заминуваат во конвој од градот Ниџраб, последната база во којашто престојуваа во покраината.
На приближно 2.220 француски војници колку што сега престојуваат во Авганистан, околу 700 како „последни борбени сили“ ќе се вратат во своите касарни во Франција, до крајот на годината, изјавил за AFP воен извор.
Во 2013 година ќе останат само 1.500 француски војници во Авганистан. Илјада од нив ќе го организираат враќањето на француските возила и контејнери од Авганистан, пред и самите да се вратат во татковината „во летото 2013 година“, изјавил полковникот Жујом Лероа, портпарол на француската војска.
По наведениот термин и на неодреден број години, француското присуство во Авганистан треба да биде ограничено на 500 војници, коишто ќе бидат ангажирани во програмите за оспособување или соработка, рекол истиот извор.
Освен 50 обучувачи кои работат во покраината Вардак, западно од Кабул, преостанатите француски војници ќе бидат стационирани во главниот град на Авганистан.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: