Еден месец по оставката што ја поднесе на тренерската функција во МЗТ Скопје Аеродром, Александар Тодоров ја прифати понудата на бугарскиот прволигаш Балкан од Ботевград да биде тренер на овој клуб.
Балкан остана без тренер откако по поразот во саботата, на домашен терен од Черноморец 82:84, тренерот Петар Клечков поднесе оставка.
Во бугарското првенство, Балкан по шест кола има две победи и четири порази и во конкуренција на десет екипи се наоѓа на осмото место на табелата. Тодоров за Бугарија го врзуваат убави спомени, тој во периодот 2008 – 2011 беше тренер на Рилски спортист, со оваа екипа победи во првата сезона на БИБЛ лигата.
Триесет идеветгодишниот стручњак минатата сезона го предводеше МЗТ до првата титула во историјата на клубот. Во новата сезона во којашто МЗТ се натпреварува во АБА лигата, Тодоров поднесе оставка по само пет одиграни кола, поради серијата од три пораза.
На клупата на новиот тим Тодоров ќе дебитира на 24-ти ноември, кога Балкан ќе гостува во Стара Загора.
Тодоров е вториот македонски тренер кој сезонава работи во Бугарија, поранешниот македонски селектор Марин Докузовски е тренер на Лукоил Академик.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: