Во последните неколку години, секое ново продолжение на видео-играта Call of Duty на Activision успева да го сруши рекордот за број на продадени копии и заработка, а истото важи за последното продолжение кое на пазарот се појави минатата недела.
Од Activision објавија дека Call of Duty: Black Ops 2 во првите 24 часа заработила половина милијарда долари, па извршниот директор на компанијата, Bobby Kotick се пофалил дека ова е веќе четврта година по ред откако Call of Duty серијалот го крши овој рекорд. Заработката од оваа видео-игра ја надминува box-office заработката на најуспешните филмски франшизи на сите времиња – Star Wars и Harry Potter. Можете да си замислите за колку пари станува збор.
Исто така, заработката која Activision ја заработи во првиот ден од продажбата на CoD е повеќе од двојно поголема во однос на досегашниот овогодишен рекордер, Microsoft, кој заработи “само” 220 милиони долари од продажбата на Halo 4 во првите 24 часа. Но, овде треба да се напомене дека Halo e достапна само за Xbox конзолата, додека CoD се продава за повеќе платформи.
Досегашните продолженија на Call of Duty и минатата година ги срушија сите рекорди, па Call of Duty: Modern Warfare 3 минатата година во првите 24 часа оствари заработка од 400 милиони долари, додека после 16 дена таа заработка изнесуваше повеќе од една милијарда долари. Ако работите одат според очекувањата, оваа година Activision ќе заработи една милијарда долари за период од околу 2 недели.
Пронајдете не на следниве мрежи: