Контакт на Брејвик помогнал да се спречи терористичкиот напад во Полска

Loading...

Разузнавачите можеле да влезат во трагата на осомничениот за подготовка на терористички напад против раководството на Полска, преку проверката на полските контакти на „норвешкиот стрелец“ Андерс Брејвик, изјави во вторникот премиерот Доналд Туск.

Претходно во вторникот беше објавено дека полската агенција за национална безбедност истражува дело за подготовка на терористички напади против припадниците на полските власти. Според државното обвинителство на Полска, на 9-ти ноември е уапсен 45-годишен жител на Краков, истражувач при тамошниот Земјоделски универзитет кој имал пристап до компонентите за подготовка на експлозивна направа. Претставниците на истрагата соопштија дека осомничениот имал намера да го крене во воздух Сејмот (полскиот парламент) со автомобил-бомба. Планирано било терористичкиот чин да биде извршен кога во парламентот ќе присуствуваат претседателот на државата Бронислав Коморовски, премиерот Доналд Туск, министрите во неговата влада и пратениците, најверојатно во текот на најавената расправа за буџетот за следната година.
Според премиерот Туск, за влегувањето во трагата на подготвувачите на заговорот помогнало истражувањето на полските контакти на Андрес Брејвик, кој порачувал преку интернет од Полска компоненти за експлозивни направи.
„Им честитам на припадниците на агенцијата за национална безбедност, кои заедно со обвинителството успеаја да ја спречат и да ја елиминираат заканата“, изјавил Туск за полските медиуми, додавајќи дека осомничениот „не го криел своето одушевување од Брејвик“.
Според истрагата, осомничениот, исто така, ја проучувал рутата по којашто на 11-ти ноември на Денот на независноста на Полска ќе се движат демонстрантите. Во акцијата било планирано да се посвети внимание на учеството на претседателот Бронислав Коморовски на одбележувањето на празникот.

Иследниците заплениле на разни локации поврзани со приведениот тротил и други експлозивни материјали, детонатори, мобилни телефони, кабли, далечински управувачи, инструкции за правење бомби, оружје и повеќе од илјада парчиња муниција, како и полски и странски автомобилски регистарски таблички, маски, панцирни елеци, снајперска маскирна униформа итн.
Норвешкиот ултрадесничарски екстремист Андерс Брејвик на 22-ти јули 2011 година активираше експлозивна направа во центарот на главниот град Осло, во областа каде што се наоѓаат владините канцелари вклучително и кабинетот, при што загинаа осум лица, а потоа отвори оган во младинскиот летен камп на Лабуристичката партија на Норвешка на островот Утеија кога беа убиени 69 лица. Судот по долго вештачење го прогласи за пресметлив и го осуди на највисоката можна казна според норвешкиот правосуден систем во кој претходно не беше предвидено делото „тероризам“ на 21 година затвор.

Макфакс

loading...
Loading...