Најмалку 10 лица ранети во експлозија во Тел Авив

Најмалку десет лица се повредени во експлозија на бомба во автобус во средата во центарот на Тел Авив соопшти службата за Брза помош, додека израелската полиција во своето соопштение наведува 15 настрадани, од кои состојбата на три жртви се оценува како тешка.

Според претставници на полицијата, станува збор за класичен терористички напад и на територијата на целиот град преземени се вонредни безбедносни мерки.
Автобусот експлодирал во близина на Генералштабот на израелската армија. Претставници на службата за Брза помош соопштиле дека во автобусот немало многу патници. Според полициски извори, пак, се претпоставува дека терористот ја оставил бомбата во автобусот и се симнал на некоја од постојките.
„Бомбата експлодира во центарот на Тел Авив. Тоа беше терористички напад. Повеќето ранети се здобиле само со полесни повреди“, изјави за медиумите Офир Генделман, портпарол на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израелската полиција моментално спроведува операција за идентификација на можниот сторител и неговите можни соучесници.
Терористичкиот напад во Тел Авив доаѓа на осмиот ден од израелската офанзива во Појасот Газа и интензивирање на судирите меѓу Израел и палестинските фракции во палестинската енклава.
Милитантите од палестинското исламистичко движење Хамас претходните денови стрелаа врз израелската територија со преправени ракетни проектили и најчесто без експлозив поради зголемување на нивниот дострел, а претходно цел на таквите напади беше и Тел Авив. Тоа предизвика израелското раководството да размислува за копнена операција во Газа, за што се мобилизирани 75 илјади припадници на резервниот армиски состав.
Експлозија во Тел Авив може да го искомплицира текот на обидите да се постигне примирја, кои се со посредство на Египет, и според некои извори, се при крајот.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: