Меркел бара согласност од Бундестагот за испраќање на ракетите за Турција

Германската канцеларка Ангела Меркел изјави во средата дека прашањето за можно испраќање на проектилите за противвоздушна одбрана од типот „Патриот” во Турција треба да го разгледа Бундестагот.

Претходно беше објавено дека Анкара има намера да се обрати до НАТО, чијашто членка е, со барање на нејзината територија да бидат разместени одбранбените системи „Патриот” за заштита на границата со Сирија. Според информациите во медиумите, во Турција може да бидат распоредени две батерии од подобрената верзија „ПАК-3“. Овие проектили ги имаат на располагање три земји од НАТО, САД, Холандија и Германија.
Доколку Берлин се согласи да и’ ги достави на Анкара проектилите „Патриот“, во тој случај за нивно опслужување во Турција ќе испрати 170 германски војници. Прашањето дали за тоа би била потребна одлука на Бундестагот предизвикува голема полемика во самата во Германија.
Говорејќи во средата пред пратениците во германскиот парламент, канцеларката Меркел рече дека одлуката за употреба на воените сили во странство мора да биде донесена и одобрена од Бундестагот. Претходно, за ова прашање таа разговараше со германскиот министер за одбрана Томас де Мајзер.
„Се разбира, за сево ова ќе биде соодветно дискутирано тука, во парламентот. Ова е суштината на нашата парламентарна армија (според уставот, парламентот треба да одлучи за употреба на борбените сили – Бундесверот – з.р.)“, рече во својот говор Меркел, емитуван на интернет страницата на германскиот Бундестаг.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: