Грчката полиција во среда соопшти дека испечатила 1,5 милиони информативни летоци коишто ќе ги подели на доселениците со цел да се вратат во своите родни земји.
Летоците, чие печатење е платено од фондовите на ЕУ ќе им бидат поделени на државјаните од третите земји за да ги информираат за програмата за враќање во своите земји безбедно, достоинствено и без обврски нешто да платат“ соопшти полицијата.
Летокот е напишан на 13 јазици, англиски, француски, шпански, албански, руски, кинески, арапски, бенгалски.., а ќе се делат пред Управата на полицијата за странци во Атина.
Информативните летоци ќе бидат испратени и до општинските власти, како и дипломатските служби и фирми во кои работат странци.
Од формирањето на новата коалициона влада во јуни оваа година, на чело со конзервативецот Андонис Самарас, грчката полиција ја зајакна контролата над мигрантите ширум земјата и депортирала 2.135 од оние кои се без документи, што предизвика реакции кај неколку невладини организации за човекови права.
Организацијата „Хјуманс рајтс воч“ во август го осуди полицискиот лов во центарот на Атина на доселениците без документи, како правно неоснован.
Со влошувањето на кризата, во Грција зајакна неонацистичката партија „Златна зора“ која влезе во Собранието на Грција на пратеничките избори во јуни, што придонесе за зголемување на бројот на инциденти со ксенофобично насилство.
Двајца од 18 пратеници на оваа партија се тужени по службена должност поради уништување на туѓ имот во текот на нападот на доселениците – уличните трговци.
Меѓу 10,9 милиони жители Грци, во оваа земја живеат и 1,5 милиони странци, од кои околу 600.000 немаат дозвола за престој.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: