ФБИ го обелодени досието на ќерката на Сталин

Loading...

Американското федерално истражно биро FBI седмицава го обелодени досието на Светлана Алилуиева, кое покажува дека американските разузнавачки агенции ја следеле ќерката на комунистичкиот диктатор Јосиф Висарионович Сталин, откако во 1967 таа го напуштила Советскиот сојуз и откако се преселила во САД.

Според американските медиуми, документите кои биле декласифицирани по речиси една година од смртта на Светлана Алилуева во сојузната американска држава Висконсин, покажуваат дека американските власти следеле и како доаѓањето на ќерката на советскиот лидер, којашто подоцна беше позната како Лана Питерс, можело да влијае врз меѓународните односите на земјата во периодот на Студената војна.

Како што е наведено во објавеното досие на Алилуева на 233 страници од кои околу половината се написи во тогашните медиуми, поранешниот американски амбасадор во СССР Џорџ Кенан и самата Алилуева му соопштиле на FBI дека не исклучуваат дека агентите на тајната советска служба КГБ може да ја стават под свој надзор. Сепак, најверојатно, според документите, советската тајна служба не ја следела, забележува Associated Press. Според агенцијата, FBI се одлучило да го обелодени досието на ќерката на Сталин, бидејќи тоа не содржело информации кои можат да влијаат на надворешната политика, како и информации чие објавување би било, според безбедносните служби, „навлегување во приватноста”.

Во 1967 година Светлана Алилуева заминала за Индија поради погребот на Браџеш Сингх, когошто во неколку интервјуа таа го нарекува свој сопруг, одбивајќи да се врати во СССР. Преселбата на Западот и подоцнежното објавување на книгата „Дваесет писма до другарот” во 1967 година, во којашто Алилуева се сеќава на својот татко и животот во Кремљ, претставувало огромна сензација на Западот. По извесно време таа се преселила во Швајцарија, а потоа живееше во САД.

Макфакс

loading...
Loading...