Војна за врвот на најголемата опозициска партија во Франција

Конзервативната партија Унија за народно движење (UMP) најголемата опозициска партија во Франција преживува тешки моменти откако минатата седмица започна борбата за нејзиниот врв, пишуваат француските медиуми.

Во психодрамата во која UMP на поранешниот француски претседател Николас Саркози, ја доживува во последно време, Жан-Франсоа Копе во четвртокот го отфрли предлогот поранешниот француски премиер Ален Жипе да посредува во беспоштедната битка во војната меѓу него и Франсоа Фијон за претседателското место во партијата. „Не. Не гледам јасно што би било предмет на посредувањето“, изјави Жан-Франсоа Копе за Europe 1, пренесува AFP.
Ален Фијон кој до мај годинава беше премиер во владата на поранешниот претседател Николас Саркози, првично го призна поразот на изборите за претседател на партијата одржани во неделата, но потоа во средата ги оспори.
Гневен што победи помлади и потврдокорен кандидат кој би требало да биде и кандидат за следните француски претседателски избори во 2017 година, Фијон изјави дека „UMP не може да делува врз лаги“. Затоа ги повика на помош партиските ветерани Ален Жипе кој изјави дека ќе посредува само доколку тоа го сакаат и двете страни, пишува Reuters.
Копе не се согласува со тоа и најавува дека би можел дури и да го тужи Фијон на суд.
Францускиот печат едногласно во четвртокот се потсмеваше со партијата UMP, нарекувајќи ги нејзините внатрепартиски избори „трагикомедија“.
Ситуацијата во оваа партија од десниот центар ја критикуваше и на француската десница наклонетиот париски дневен весник Le Figaro, повикувајќи што поскоро да заврши таа „патетична сапуница која ги понижува и политиката и политичарите“.
Раздорот меѓу конзервативци оди во полза на претседателот Франсоа Оланд кој редеше гафови и на чијашто влада и’ опаѓа популарноста. А во крајна линија во понеделникот меѓународната рејтинг агенција Fitch го намали суверениот кредитен рејтинг на Франција од највисокото ниво ’ААА’ на ’Аа1’.
Копе, инаку, е политички ученик на Саркози, а некои француски аналитичари сметаат дека внатрепартиската борба во UMP покажува дека се зголемуваат шансите Саркози да се врати на чело на партијата до претседателските избори во 2017 година.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: