Националистичката коалиција Конвергенција и унија (CiU) освои 30,55 отсто од гласовите и 50 од 135-те места во парламентот на Каталонија, соопшти доцна ноќта кон понеделникот изборната комисија, што е далеку помалку отколку што имаше досега – 62 пратенички мандати.
Втора според освоените гласови е исто така сепаратистичката Републиканска левица на Каталонија (ERC-Cat Si) која освоила 13,63 отсто и 21 мандат, веднаш зад неа е Социјалистичката партија на Каталонија со 13,5 отсто и 20 пратенички места.
Владејачката на сојузно ниво конзервативна Народна партија е четврта со освоени 13,04 отсто од гласовите и 19 мандати.
Релативно новата, основана во 2003 година, еколошка коалиција Иницијатива за Каталонија (ICV-EUiA) освоила 9,92 отсто или 13 мандати, а левоцентристичката партија Граѓани на Каталонија (C’s) чиј приоритет се граѓански права во заедницата 7,62 проценти, односно 9 пратеници, додека за партијата CUP-Alternativa d'Esquerres гласале 3,47 отсто од излезените избирачи што значи дека ќе има три места во парламентот на Каталонија.
Одѕивот на гласачите изнесувал високи 69,52 проценти, што е 11 отсто повеќе во однос на претходните редовни парламентарни избори во 2010 година.
Со овие изборни резултати лидерот на CiU и претседател на Каталонија, Артуро Мас, не доби апсолутно мнозинство во парламентот (68 пратеници) потребни за спроведување на законските реформи за остварување на идејата за изделување на покраината од составот на Шпанија. Мас тежиштето на својата кампања го стави врз огорченоста на Каталонците од тешката финансиска ситуација и чувството дека повеќе даваат во сојузната каса отколку што им се враќа, па во неколку наврати изјави дека доколку добие апсолутно мнозинство во парламентот, во јануари 2013 година ќе направи измени во законодавството на покраината давајќи му официјален статус на институтот референдум организиран на покраинско ниво, ветувајќи дека за четири години Каталонија ќе ја извлече од Шпанија и ќе стане нова членка на Европската унија.
Коментирајќи ги изборните резултати, Мас рече дека ова не се најдобрите резултати на коалицијата во последниве години.
„Новата распределба на силите во парламентот бара од нас нови пристапи, бидејќи CiU нема апсолутно мнозинство за сама да ја води владата“, изјави Артуро Мас.
Според овој 56-годишен економист, „дојдено е времето кога и другите политички сили мора да ја споделат одговорноста за ситуацијата во Каталонија“.
Одлуката да се одржат предвремени избори на 25-ти ноември за парламентот на Каталонија, беше објавена во септември, откако шпанскиот премиер Маријано Рахој ја одби понудата на премиерот на покраинската владата на Каталонија, Артуро Мас, и одби да преговара за новиот даночен систем со кој Каталонија би задржувала повеќе пари. На Националниот ден на Каталонија, на 11-ти септември стотици илјади луѓе го поттикнаа Артуро Мас да се откаже од барањето за проширување на автономијата низ преговори и да се сврти кон самостојност. Тој вети дека ќе распише референдум за самостојност на Каталонија во рок од четири години.
Причина за остриот раст на сепаратистичките тенденции во Каталонија се проблемите во економијата, со оглед на финансиската и економската криза во Шпанија. Застапниците на отцепувањето на Каталонија од Шпанија веруваат дека економски развиениот регион, чијашто економија е поголема од, на пример, на Португалија, кој има удел од 20 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на кралството, го издржува остатокот од Шпанија. Каталонците сметаат дека тие и повеќе уплаќаат во заедничката каса отколку што им се враќа и дека добиваат во форма на грантови и исплати помал износ од 16 милијарди евра годишно, што е еднакво на 8 отсто од регионалниот БДП.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: