Николиќ: Што сака Готовина, да се соберат Србите и уште еднаш да ги протера и убие?

Српскиот претседател Томислав Николиќ ја оцени како цинична изјавата на ослободениот хрватски генерал Анте Готовина, во која ги повикува Србите да се вратат на своите огништа во Хрватска.

„Тоа е цинично. Што сака, да се соберат и уште еднаш да ги протера и убие, да ја заврши таа работа? Повеќе да не го бараат ниту имотот. Се осмелувам да кажам, тоа ви е сваќањето на вистината и Бога и правдата кај двата народа, кај српскиот и хрватскиот. Кога беше подигнато обвинение против Ратко Младиќ за Сребреница, не чекавме ни да биде осуден, донесовме Резолуција во Собранието за осуда на злосторството. Нашата влада го уапси Младиќ и го однесе во Хаг. Знам, тоа беше злосторство и никогаш нема да кажам дека не било. Хрватите знаат дека во ’Олуја“ е извршено страшно злосторство, дека ќе имаат грижа на совеста додека се живи, но слават што никој не е казнет за тоа. Тоа е народ на погрешен пат, народ кој сега можеби би ги стрелал своите поединци кои би рекле – застанете, луѓе, па тоа беше злосторство“, изјави Николиќ во интервјуто за српски „Курир“.
Тој додава дека Србија и Хрватска сега не можат отворено да соработуваат.
„Мораме да бараме начини со таа држава да соработуваме во економските и другите области од заеднички интерес. Но очигледно, со државата која го слави злосторството не можете искрено, отворено и срдечно да соработувате. Не може! Не оди! Во чие име? Во име на жртвите, во име на нивните деца?, рече Николиќ.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: