Посмртните останки на поранешниот палестински лидер Јасер Арафат се закопани во вторникот претпладне, откако меѓународните експерти претходно ги земаа потребните примероци чија анализа ќе ги потврди или отфрли сомневањата дека бил отруен во 2004-та.
„Операцијата е завршена, гробницата е затворена, а примероците се предадени на француските, швајцарските и руските експерти“, изјави членот на палестинската комисија којашто е задолжена да ги истражи причините за смртта на историскиот лидер на Палестинците, Јасер Арафат.
Тројца француски истражни судии присуствуваа на земањето на примероците чијашто анализа е судски наложена наредба по тужбата на вдовицата на Арафат, Суха Арафат. Додека швајцарските и руските експерти ги ангажираше Палестинската самоуправа од Западниот брег.
Јасер Арафат, лидерот на Палестинската ослободителна организација (PLO), беше основач и прв претседател на Палестинската национална администрација, ја доби Нобеловата награда за неговата улога во мировните преговори со Израел.
Јасер Арафат во октомври 2004 година од разурнатото седиште во Рамалах поради нагло влошување на неговото здравје беше префрлен во Франција. Тој во Рамалах две ипол години беше во своевидно заточеништво на Израел.
Еден месец подоцна Арафат почина во една париска воена болница, а сомневањата дека нешто не било во ред се појавија многу бргу по неговата смрт, бидејќи неговите лекари не можеа точно да ја востановат точната причина за неговата смрт.
Сопругата Суха и 17-годишната ќерка на Арафат, Захва, пред судот во париското предградие Нантиер во јуни 2012 година поднесоа тужба против непознат сторител за убиство со предумисла. „Изненадена сум што суверена земја како што е Франција, не ја знае причината за смртта на еден шеф на држава кој е лекуван во француска болница”, изјави тогаш Суха Арафат за парискиот дневен весник Le Figaro.
Тужбата беше поднесена откако швајцарскиот Институт за радијациска физика во Лозана, Швајцарија на облеката што ја носел Арафат најде необично високо ниво на полониум 210. Швајцарскиот институт соопшти дека сомнежите дали Арафат бил отруен не може да се потврдат или демантираат без да се анализираат и посмртните остатоци на Арафат.
Поради тоа претседателот на Палестина, Махмуд Абас одобри на 9-ти јули 2012 година, ексхумација на посмртните остатоци на неговиот претходник, со цел да се утврди дали тој бил отруен, потпишувајќи го одобрението за ексхумација побарано од Суха Арафат и ги повика швајцарските експерти да извршат аутопсија врз остатоците на Јасер Арафат.
Суха Арафат ја побара ексхумација на телото на својот сопруг, откако телевизиската мрежа Al Jazeera обелодени докази за траги од радиоактивен полониум 210 на облеката што ја носел во последните денови од својот живот.
Истрагата претставена во документарниот филм „Што го уби Арафат?” која беше емитувана на почетокот од јули годинава на мрежата на Al Jazeera обелоденува детали околу смртта на Арафат, по мистериозната болест што ја доби во 2004 година. Филмот открива дека примероците земени од неговите лични предмети, како на пример четката за заби, капата и долната облека, содржат високо ниво на полониум 210, радиоактивна супстанца која може да се создаде само во нуклеарен реактор.
„Оваа истрага е болна, меѓутоа потребна е бидејќи требаа да се дознае вистината која му е неопходна нашиот народ е. Ако имало злосторство, тоа мора да се разоткрие“, изјави Суха Арафат којашто сега живее во Малта и ги отфрли обвинувањата дека во 2004 година, кога го напушти Рамалах и никогаш не се врати во Рамалах, одбила обдукција.
Меѓутоа, внукот на Арафат, Насер ал-Кидва, претседател на фондацијата „Јасер Арафат“ смета дека обдукцијата е „профанирање“ и држи да таа „нема да донесе никакво добро за Палестинците“, и повтори дека Арафат го отруле Израелците.
Многу Палестинци се прашуваат зошто се води истрага сега, осум години по смртта. Меѓутоа, дури и осум години подоцна, примероците може да укажат на труење. Периодот на полураспаѓање на полониумот трае 138,4 дека или со други зборови кажано половината од неговите атоми се разложуваат на секои 138,4 денови. Тоа значи дека и по осум години радиоактивната материја, доколку имало труење, постои во телото но во концентрацијата помала два милиона пати.
Самите траги на полониумот сепак не се доволни, бидејќи ој елемент го има и во природата, па дури анализата којашто ќе трае неколку седмици, траба да потврди присуство на вештачки полониум.
Експертите изјавија дека примероци се земени од коските, бидејќи полониумот се таложи во црниот дроб, слезенката, бубрезите и коските, како и во коскената с’рж, но по осум години најверојатно останал само во коските.
Полониумот, наречен по Полска, во чест на научничката Марија Склодовска Кири којашто го изолирала во 1898 година, поради нејзиното полско потекло. Овој хемиски елемент се користи како извор на алфа-зраци во медицинските истражувања, и како извор за загревање во вселенските уреди.
Меѓутоа, полониумот е многу редок и само милијардити грам од полониумот е присутен во десет грама ураниум. Се проценува дека се произведуваат помалку од 100 грама годишно во целиот свет, главно во Русија.
Најпозната жртва на труење со полониум е поранешниот руски шпион Александар Литвиненко, отруен во 2006 година во Лондон, инаку голем противник на актуелниот руски претседател Владимир Путин.
Гробницата на Јасер Арафат се наоѓа во мавзолејот изграден во областа Мукате, главниот центар на претседателот на Палестинската управа во Рамалах. Во вторникот во текот на ексхумацијата мавзолејот беше затворен за посетителите. По земањето на примероците и враќањето на телото во гробницата, одржан е повторно обредот на полагањето венци и молитви.
Јасер Арафат почина на 11-ти септември 2004 година, на возраст од 75 години во воена болница во Париз, каде по компликации со неговото здравје, каде што беше префрлен со согласност на Израел кој две години го држеше опколен во своевидно заточеништво во Муката.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: