Ви го претставуваме ексклузивното интервју на нашата прекрасна Елена Ристеска за нашата редакција.
Да почнеме со твоето враќање на сцената. Зошто беше отсутна?
– Приватни причини.Сакав малку да ме снема, пред да се вратам со нешто бомбастично и различно од се што работев претходно. Но пред се морам да нагласам дека беа во прашање приватни причини, сакав да се посветам на приватниот живот, излегувањата со пријателите, да му се посветам на својот дечко,а сега и сопруг. Сакав да направам пауза пред да го средам тој дел од животот. Причините не беа само тие, туку и морав да повлечам една линија, морав да завршам еден период од животот, за да започнам нов.
Сакаше да се откриеш на нов начин?
– Па да,започнувам нов живот-живот во брак,поточно нова етапа во мојот приватен живот но и во музичката кариера, нов стил,нова песна, нов албум, нов имиџ, ново се!
Кога ќе пристигне новиот албум?
-Да сме здрави и живи, не сакам да го најавувам, но цврсто го работам и сакам побрзо да го завршам. Ќе биде поделен на два дела, едниот ќе биде ултра модерен, како што јас го нарекувам, во него ќе бидат измешани два три стила во еден, но сепак ќе држи некоја константа, нема да биде премногу измешано,како што е случај со “Опасно време”.Вториот дел од албумот е сосема различен, класични балади, до некаде допира до филмска музика, користени се инструменти како чело, виолини, контрабас, пијано…како во случајот на “Не лажи ме”. Двата стила не се многу компатибилни, но со Дарко Димитров ќе направиме да звучат така во една целина-во еден албум. Во албумот се гледа една нова и созреана Елена,со оглед на тоа што работиме на него со години гледано од издавањето на последниот албум.
Последниот спот, за кој ти го напиша сценариото е доста провокативен и е за +16. Како дојде до идејата да направиш такво нешто?
– Па не се толку провокативни сцените во смисол на сексипил, напротив, тука нема никаква провокација каква што имаше во некои претходни спотови, тука станува збор за поинаква провокација во смисол на филмски елементи во спот, што е реткост во Македонија.Е сега, се мисли +16 за делот со жилетот. Треба да им послужи на младите како пример,особено оние на кои почесто во последно време им се врти мислата самоубиство кога ќе наидат на проблеми. Тоа е пример дека не треба да се осврнат првично кон таа идеја, која што можеби во еден одреден дел од животот на сите ни проаѓа низ памет, кога ќе ни се смачи од се.
Се обидуваш да ги уплашиш младите со тој дел од спотот?
– Не не… Кога не дај Боже, ќе се реши човек да го направи тој чекор, да земе жилет во рака, не треба да го направи тоа. Во спотот јас го фрлам жилетот и велам НЕ!Земам слушалки во рака наместо жилет, и слушам музика препуштајќи се на убавите моменти што сум ги имала со момчето од спотот. Животот е многу убав, насочете се кон љубовта и музиката. Инаку за актерскиот дел од спотот изразувам огромна благодарност до
познатиот глумец Славиша Кајевски кој навистина многу ми помогна со целиот спот во глобала и голема благодарност до Нино Леви кој со својата глума внесе еден посебен дух во спотот.
Предизвика многу контроверзии, луѓето беа збунети, можеби многумина не го разбраа…
– Тоа ни беше идејата со Даниел Јовески, кој е режисер на спотот, да се предизвика некаква реакција кај публиката. Доста е од оние спотови во кои само се менуваат стајлинзи,се позира и се пее.. Некако и мене ми дојде доста од сето тоа. Се решивме за спот што ќе потрае во реализацијата, го снимавме недела дена, обрнавме внимание на сите можни детали… Кршевме ајфон, имаше и разни сегменти кои не се секојдневни во нашите спотови.
Ве чинеше ли многу снимањето на ваков спот?
– Хахахха (се смее)… Тоа е веќе професионална тајна … Но морам да напоменам дека екипата беше професионална и посветена, во целиот проект влезе многу ентузијастички за што лично многу сум среќна, и како што кажав мило ми е што има реакција, позитивна, негативна, тоа не е важно, важно ми е да сакаат луѓето да го гледаат и да го видат што повеќе луѓе.
Што рекоа луѓето од екипата кога го видоа спотот, имаше реакции од нивна страна?
– Искрено, екипата беше презадоволна откако го виде спотот. Посебно што успеавме да го снимиме за недела дена она што го напишав на долго и на широко во сценариото и на крајот што го добив она што го барав од тимот како еден позитивен резултат. А кога ја направивме монтажата-завршната фаза на спотот, сфативме што всушност направивме,дека навистина е нешто различно и дека добро е реализирана првичната идеја.Јас кога го гледам спотот имам многу убаво чувство. Го гледам и се сеќавам на сите тие моменти кога го снимавме колку се вложивме сите себеси во тој спот.
Како е во брак? Ти недостасуваат твоите?
– На почетокот ми беше тешко,како еден вид поразлично искуство од досегашното, но со тек на време се навикнав. Нормално дека ми недостасуваат родителите и целиот тој послободен живот што се однесува до обврските.Но морам да нагласам дека имаме помош од двете семејства многу.Се е ствар на навика, додека да се навикнеш и адаптираш на новата ситуација, живот и секојдневие потребно е време,но откако ќе се навикнете се оди како подмачкано.
Дали се навикнува твојот сопруг на твојата улога во јавниот живот?
– Па ако за пет години, колку што сме заедно, не успеа да се навикне тогаш сигурно нема никогаш да се навикне. Понекогаш има некои реакции од негова страна, но не можам да кажам дека не е навикнат. Првите години, на почетокот, беше тешко, искрено, додека да сфати како функционира јавниот живот и мојата професија. Тој не сакаше да биде јавна личност, но преку мене индиректно и тој стана јавна личност.Ова е реткост, бидејќи обично на луѓето им годи кога се видени покрај јавна личност, но нему единствено нешто што му пречеше уште од почетокот на нашата врска кај мене беше токму тоа. Сега кога веќе сме во брак и нашите животи се сменети, работите се многу поразлични и тој многу заштитнички делува кога ќе слушне или прочита нешто за мене. Повеќе се нервира тој за трачевите за мене отколку јас.
Како се носиш со оваа средина во која се пуштаат секакви приказни за секого?
– Па веќе десет години одлично се носам со тоа. Не реагирам никако и мислам дека тоа е клучот. Ако имаш позитивна реакција тогаш ќе има пар негативни, ако имаш негативна ќе имаш уште три пати повеќе негативни… Така да најубаво е на крајот од денот да си молчиш, па луѓето сами ќе си проценат во што треба да веруваат во што не, и на кој медиум треба да веруваат а на кој не. Единствено онаму каде што стојат мои изјави можам да кажам дека тие информации се веродостојни, но онаму каде што нема моја потврда или негација… Публиката треба да одбере во што ќе верува. Јас после десет години отрпнав,станав имуна на се,затоа што сум доживеала и преживеала се и сешто,стресови, нервози, притисок од јавноста од се што пишувале за мене… Можам да кажам дека сега многу полесно минувам низ сето тоа. Само се насмевнувам на туѓата злонамерност. А поговорките “Зад добар коњ,прашина се крева” и “Кучињата лаат, караванот си врви” некој неслучајно ги измислил.
Да се вратиме 10 години наназад, како почна? Како дојде до се ова? Зошто почна да пееш?
– Ништо не беше случајно. Јас уште од многу мала освен што многу зборев,многу пеев.Цел ден.Пред огледало, со импровизиран микрофон. Можете да бидете љубител на музиката но не и случајно да станете пејач.Можете со тек на време да работите на развитокот на музичкиот талент и да станете подобар и посамоуверен,но талентот не се стекнува.Или сте родени со музиката во вас или не. Но случајно се стекнуваат успесите. Не планирав да се пријавам на никаква аудиција, се додека Маја со која планиравме заедно да градиме кариера како дует,заедно не се пријавивме на М2, т.е. таа ме пријави, јас немав мобилен телефон тогаш(се смее). Ме пријави без јас да знам,само ми соопшти во колку часот каде да се појавам, дека има некаква аудиција.Јас не знаев за што станува збор тогаш.Отидов на аудицијата, ме одбраа во првите 100 од 3000, па од тие 100 ме избраа во првите 10, и тие 10 добија своја сопствена песна за да ја изведат на големото финале.Сопствена песна е тешко да се интерпретира,лесно е да се имитира.Сепак со мојата прва отпеана песна “Она другото” успеав да ги соберам симпатиите од публиката и жирито и победив на “Потрагата по ѕвезда” во 2002 година,така започна се…
Спомна дека сакаш да им помогнеш на младите.
-Постои идеја, можеби ќе прерасне во некој проект во иднина, сеуште не знам, го немам дефинирано, но би сакала во иднина да се посветам на развивање на млади имиња на сцената.Секако во кои ќе препознаам и глас и харизма, талент и ѕвезда.Иако веќе работам и помагам на одредени колеги и таленти преку пишување на песни и текстови,сепак сега сум целосно сконцентрирана на својата кариера.За оние кои незнаат имам околу 50тина текстови меѓу кои и “Море од солзи”,”Бело е се”-Ламбе,”Бело знаме”,”Цвеќе за извини”-Пандиловска,”Црно бел свет”,”Љубовни состојки”-Маја Саздановска,”Избриши ги солзите”-Билбилов,”Те молам неплачи”,”Женски свет”-групата 4Плеј, голем дел од песните на мојот втор албум “192” ,потоа пишувам за многу пејачи кои низ годиниве се појавија на аудициите на М2,пишувам за детски фестивали…
Значи би се концентрирала на својата кариера но и би пишувала песни за други?
– Па јас покрај за себе,веќе пишувам песни и за други,зборував за мое поголемо посветување за други во иднина.А конкретно од младите таленти пишувам веќе со години за Ања Ветерова. Таа е сеуште буквално дете, но имам напишано веќе 3, 4 песни за неа. И во иднина кога ќе прерасне во девојка би соработувала со неа бидејќи е талент.За неа напишав неколку песни со кои донесе многу награди од разни светски детски фестивали,па и онаа евровизиската “Магична песна” е наша соработка која на ЈуТјуб има повеќе од 2 милиони посети.
Што планираш надвор од музиката?
– Сакам да го развијам уметничкиот дел од мојата личност повеќе. Мислам на дизајнирање облека. Уморна од разни соработки,веќе со години креирам за своите настапи и спотови, за кои прилично убави коментари добивам,а секако ми помага во тој дел мајка ми. Уморна во смисол да се пронаоѓам себеси во туѓи стилови и да ги синхронизирам со мојот стил,со мојата замисла,со приликата и со стилот на музиката која ја изведувам.Сметам дека би донела нова, различна идеја во светот на креирањето,ми извираат милион идеи секојдневно што со години не стигам да ги изреализирам.Секако креирањето во мојот живот не е ништо ново, бидејќи и уметноста, како и музиката е дел од мене уште како мала. Уште како дете цртам и креирам разни дизајни.
Каде се гледаш себе си по 10 години?
– Веројатно, семејно исполнета, полна куќа деца (се смее). Дефинитивно се гледам во музиката и по 10 години, секако ако сум се уште актуелна и интерсна за публиката, дали како автор или изведувач не знам, но музиката нема да излезе од мојот живот. Со уште некој бизнис плус можеби, не велам не.
Музиката ти е професија или хоби?
– Дефинитивно професија. Јас немам друг извор на финансирање и заработување, единствено заработувам од музиката и затоа ми е професија. Но понекогаш сосредоточена од нечија непрофесионалност се запрашувам дали во оваа држава мојата работа се сфаќа како професија или само како хоби,иако се вложувам себеси во оваа работа максимално и професионално.Но на крајот на денот сепак ова е моја професија. Како и да е,не се гледам веќе себеси само како студент иако имам уште некој испит за да го завршам мојот втор факултет, филолошки, италијански јазик и книжевност,а веќе дипломирав бизнис,администрација и менаџмент на “Еуроколеџ” во Куманово.
Музичка Академија не?
– Тоа не ми беше идејата, јас немав таква амбиција. Не се гледав себеси како студент по соло пеење и потоа како вработена во Операта.Сакав модерна поп музика која ја нема како насока на нашите факултети. Доколку имате студирано музика може да ви послужи како предност во музичката кариера,но воопшто не е пресудно за вашиот успех,како што кажав или се раѓате со талентот и го развивате или не го поседувате талентот воопшто.
Каде го запозна својот сопруг?
– Се запознавме во Италија кога бевме на дошколување месец дена. И двајцата-студенти на Катедрата за италијански јазик и книжевност во Скопје, бевме отидени во Италија како дел од една голема група италијанисти за да го усовршиме јазикот.Од тогаш,пред 5 години започна да искри нешто помеѓу нас,но кога се вративме во Македонија започна нашата љубов да се развива.
Вистинска романса… Но едно време бевте раскинати?
– Како и секој вљубен пар…Мора да се пројде низ тој турбулентен период во врската и раскинување за да сфатите колку всушност си значите.
Цело време ти беше во глава?
– (се смее) И двајцата цело време мислевме еден на друг(ама не си признававме),и за љубов и за војна се потребни двајца.
Имаше тогаш план да ти биде сопруг?
– Не, воопшто. Тогаш ни на крај на памет не ми беше идејата брак,но знаеш како велат – тогаш кога најмалку очекуваш се случуваат убави работи.
Па како се случи ова?
– Па кога искрена љубов без задни намери ќе кулминира доаѓа до моментот кога е толку убаво што сакате да трае вечно,веројатно тогаш се случува брак.
Ти му предложи брак?
– Неее (се смее)! Си има некој ред во односите.Се знае кој чија рака треба да побара. Јас искрено бев изненадена, не очекував дека во тој момент ќе ме побара за жена Бојан,бидејќи претходно проструи на интернет една наша интерна шега на таа тема,па мислев дека и тоа е некоја шега од тој тип.Но не беше така.Сега од денешен аспект,само на убави моменти ми текнува кога ќе помислам на тој период и на нашата свадба.
Пронајдете не на следниве мрежи: