Американските фабрики за тутун кои со децении негирале дека ја лажеле американската јавност за штетноста на пушењето, сега ќе мораат на сопствен трошок да спроведат рекламна кампања преку која ќе ја признаат лагата, пресуди американски сојузен суд.
Ваквата одлука можеби ќе биде и најтешка санкција на фабриките за тутун од историскиот случај од 1999 година, кога американското министерство за правосудство ги тужеше фабриките за тутун за кршење на законот против рекетирање, со кој инаку американското правосудство се бори против организираниот криминал. По шест години судење, американскиот суд тогаш пресуди дека владата докажала оти фабриките за тутун се здружиле во заговорот со цел лажење на јавноста за опасностите од пушењето.
Истата сојузна судијка која ја донела таа пресуда, Гледис Кеслер, одлучи во вторник дека новата рекламна кампања со која фабриките ќе ја признаат својата лага, ќе биде адекватен баланс на децениски долгата кампања за лажење на јавноста.
Огласите би требало да бидат објавувани во различни медиуми во следните две години. Деталите за тоа колку ќе чини кампањата и кои медиуми ќе бидат вклучени сè уште се разработуваат и веројатно ќе бидат предмет на нова правосудна битка.
Американското министерство за правосудство објави дека е задоволно со пресудата.
Најголемите американски фабрики за тутун, кои на одлуката имаат право на жалба, објавија дека ја проучуваат пресудата и дека потоа ќе одлучат за следните чекори.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: