Селекторот на фудбалската репрезентација на Ирак, Бразилецот Зико, поднесе оставка на функцијата, со образложение дека националниот сојуз на оваа земја, не ги испочитувал одредбите од договорот.
Зико на селекторската функција во Ирак се задржа нешто повеќе од една година, оставката ја поднесе во екот на квалификациите за пласман на СП во 2014 година, во кои Ирак има реални шанси да избори пласман во Бразил.
Бразилецот на клупата на Ирак дебитираше во септември минатата година на натпреварот со Јордан, вкупно Ирак го предводеше на 21 натпревар, на кои забележа 10 победи и пет порази.
Ирак, во Б групата, во азиските квалификации, се наоѓа на третото место, со пет бодови од пет одиграни натпревари. Пласман во Бразил ќе изборат по две првопласирани репрезентации од групите, а третопласираните ќе играат плеј оф.
Зико во кариерата бил тренер на Фенербахче и Олимпијакос, а бил селектор на јапонскиот национален тим.