Албанската престолнина Тирана, накитена со црвено-црни знамиња, во славеничка атмосфера ја одбележува 100-годишнината од независноста на земјата.
Истовремено, албански функционери, политичари и граѓани, како и претставници на странски земји во Валона му одаваат почит на основачот на државата Исмаил Кемали.
Како што јавува агенцијата АТА, на споменикот на независноста во центарот на Валона и на гробот на Кемали венци положија албанскиот претседател Бујар Нишани, премиерот Сали Бериша и претседателката на собранието Јозефина Топали.
Истото го направија и претседателката на Косово, Атифета Јахјага, премиерот Хашим Тачи и претседателот на косовското собрание, Јакуб Красниќи. Венци положија и многу други политичари и претставници на дипломатскиот кор.
На свеченоста на Плоштадот на знамето во Валона присуствуваа илјадници Албанци од сите делови на земјата и од Косово, наведува АТА.
На Албанците во Тирана им се придружија и нивните сонародници од Македонија, Косово, Црна Гора, Прешево, Бујановац и Медвеѓа, за да го прослават јубилејот на независноста на земјата.
Албанка од Приштина за албанската агенција изјавила дека исполнета со среќа поради големата прослава.
Македонскиот претседател, Ѓорге Иванов ја откажа посетата во Албанија по повод денот на независноста на оваа земја по инцидентите што се случија при посетата на македонскиот премиер, Никола Груевски. Кон неговото возило беше гаѓано со јајца и пластично шише.
Србија и Хрватска испратија свои претставници на прославата.
Независноста на Албанија е прогласена на 28 ноември 1912 на Големото народно собрание во Валона, а потврдена е со Лондонскиот договор со којшто е завршена Првата балканска војна, во 1913 година.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: