Преку лажни телевизиски и радио квизови, како и преку игри на среќа во последните девет месеци оштетени се повеќе од 163.000 граѓани на Србија и тоа за околу 32 милиони евра.
Како што дознава „Блиц“, како главни организатори на оваа измама се осомничени Раде Јовчиќ, сопственик и директор на Фонлидер, неговиот заменик Радивоје Пушоња, како и Душан Морача, директор на телевизиите Дуга сат и Астро.
Постои сомнение дека криминалната група лажните игри на среќа и квизовите ги организирала последните три години и дека во измамите учествувале и самите вработени во телевизиите Дуга сат, Астро и Соко, РТВ Сунце, Народно радио и Радио на центарот.
Само во последните девет месеци, откако трае полициската акција „Грахам“, оваа група граѓаните ги оштетила за повеќе од 32 милиони евра, а заработила над 16 милиони евра.
Досега се уапсени 18 лица, но како што најавуваат од српската полиција, акцијата продолжува. Постои сомневање дека измамите на квизови не се случувале само во Србија, туку и во соседните земји. При претрес на 32 локации привремено е одземена вредна компјутерска опрема, блокирани се банкарските сметки на одделни осомничени со износи од 370.000 евра и одземени се повеќе возила. На сите приведени одреден им е притвор од 48 часа.
Начинот на измама бил таков што слушателите и гледачите се вклучувале во програмите на телевизиите и радио станиците преку исклучително скапи телефонски повици или СМС пораки. Како што пренесува „Блиц“, на квизовите би поставувале лесни прашања, а потоа самите вработени би ги фингирале повиците и би грешеле. Некогаш повици биле воспоставувани од самите студија. Гледачите и слушателите за тоа време би чекале на отворени линии и би плаќале скапи минути на повикот. Наградите во стварност не постоеле, а фиктивните добивки секогаш завршувале во рацете на некој од криминалната група.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: