Меѓу излекуваните од коронавирусот во Македонија е и 85 годишен маж -штитеник од Домот за стари лица во Битола.
Тој е првиот хоспитализиран пациент позитивен на КОВИД 19 во овој град. Примен во битолската болница бил на трети април со покачена телесна температура, лесна респираторна и цревна симптоматологија. Поради симптомите и утврдениот контакт со лице кое дошло од странство веднаш бил сместен во одделението за изолација, вели директорката на болницата Билјана Гагачовска.
Битолчанецот по 20 дена лекување, целосно закрепнат и со два негативни тестови вчера бил испратен на домашна нега.
“ Бидејќи се работеше за повозрасен пациент околу 85 години се внимаваше повеќе на тој пациент, му се даваше повеќе грижа во смисла и временскиот период кој што полежа беше подолготраен заради да се спречи да не се појави некое влошување на клиничката слика. Состојбата на пациентот уште во првите денови беше стабилизирана, си одеше се во најдобар тек, се накрена пациентот и општата здравствена состојба, накачи на килажа во добра состојба цело време беше додека беше на одделението. По протокол се направија два контролни тестови кои беа негативни и пацинетот во добра здравствена состојба од аспект на инфективна патологија се испиша и вчера беше испратен во домашни услови.“,Билјана Гагачовска – Директорка на ЈЗУ Клиничка Болница Битола.
Гагачовска вели дека успешната борба се должи и на тоа што навремено се реагирало.. Инаку, според информациите, во моментот кога било утврдено дека 85 годишниот битолчанец е заразен со коронавирусот осум вработени во Домот за стари лица беа ставени во самоизолација, а земените брисеви на 20 штитеници биле негативни.