Плочка со напис „Држава Палестина“ поставена во ОН

Нова плочка со напис „Држава Палестина“ е поставена во петокот по локално време во Генералното собрание во Обединетите нации пред палестинскиот претставник Ријад Мансур, ден откако ова тело ги унапреди статусот на Палестина од „ентитет“ во „држава набљудувач нечленка“.

Палестинскиот претставник во светската организација Ријад Мансур во својот настап по историскиот настан за Палестинците, веднаш ја осуди одлуката на владата на Израел за изградба на околу три илјади станови за еврејските доселеници во источен Ерусалим и на Западниот брег, кои се сметаат за окупирани палестински територии.
Оваа израелска одлука, како што пишуваа во петокот израелските медиуми, била донесена во четвртокот како одговор на кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху на исходот од гласањето во Генералното собрание со кој беше покренат статусот на Палестина во ОН.
„Одлуката за градење е директна провокација“, оцени Мансур.
„Нашата рака е испружена кон мирот, но потребно е и другите страни да тежат кон истото“, изјави Мансур кој добил овации кога го зазел местото зад новата плочка во зградата на ОН во Њујорк.
Израел и САД се противеа на гласањето во Генералното собрание, што според нив е контрапродуктивно за мировните преговори на Блискиот исток, како и дека палестинска држава може да се оствари само преку директни билатерални преговори со Израел .

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: