Иако денес се поголем број луѓе комуницираат преку Facebook, Twitter и интернет услуги како Viber, кои овозможуваат бесплатна размена на пораки, најпопуларниот начин на комуницирање и понатаму се СМС пораките. Според некои аналитички компании, 92% од корисниците на паметни телефони и понатаму користат СМС пораки.
Првата СМС порака е пратена на 3-ти декември 1992 година, кога никој не можел да претпостави дека кратките текстуални пораки целосно ќе ја револуционизираат нашата комуникација.
Една занимливост врзана за СМС пораките вели дека првата СМС порака е пратена од компјутер, и иако бил почетокот на декември, во првата СМС порака пишувало “Среќен Божиќ”.
“Еднаш годишно луѓето се сеќаваат на мене и ме нарекуваат легенда.” – вели софтверскиот инженер Нил Папворт, кој ја пратил првата СМС порака во историјата – а ја пратил на Ричард Џарвис од Vodafone, кој тогаш бил на божиќна забава на својата фирма и тој ја примил пораката на телефон “Orbitel 901”.
Мобилните компании на почетокот биле скептични за текстуалната комуникација затоа што сметале дека нема потреба за праќање на пораки ако можете едноставно да се јавите и да разговарате. Така, на почетокот овие пораки служеле само за операторите да ги известуваат корисниците за нова говорна пошта, а мнозинството од тогашните GSM мобилни телефони не овозможувале праќање на пораки.
Освен за известувањата на мобилните оператори, Папворт вели дека првичната намера на СМС пораките била да се овозможи едноставна комуникација во компанијата, а нивната улога со време се проширила од пораки кои секретарките ги праќале на менаџерите до бројни иновативни апликации кои се потпираат на СМС пораките, како на пример гласање во реални шоуа, следење на летови и сл.
Колку денес ваквиот начин на комуницирање е популарен говори и податокот дека минатата година се пратени повеќе од 8 милијарди пораки, а некои истражувања покажаа дека праќањето на СМС пораки е второ на листата на нешта кои ги правиме најчесто со телефоните – прво е проверување на времето.
Сепак, се поставува прашањето дали СМС услугата веќе го достигна својот врв, затоа што според информациите кои неодамна ги објави New York Times, во третиот квартал од оваа година во САД за прв пат е забележан пад во бројот на пратени СМС пораки. Причина за ова е доаѓањето на нови апликации како iMessage, Viber, WhatsApp и слични апликации, на кои сепак ќе им треба уште многу време за да ја загрозат доминацијата на СМС услугата.
Пронајдете не на следниве мрежи: