Борут Пахор е претседател на Словенија

Поранешниот словенечки премиер Борут Пахор повика на единство на нацијата, во првиот коментар откако излезните анкети покажаа дека е победник во вториот круг на претседателските избори во Словенија.

Неговиот ривал, актуелниот претседател Данило Тирк, го призна убедливиот пораз.
Борут Пахор по преброените 99,99 отсто од гласовите, избран е со 67,44 отсто од добиените гласови, додека актуелниот шеф на државата Тирк доби 32,56 отсто, јавува словенечката агенција СТА.
Одзивот изнесувал 41,95 отсто, најнизок на претседателските избори во Словенија досега, покажуваат податоците објавени на вебстраницата на Националната изборна комисија.
Пахор доби мнозинство во сите осум изборни единици, а најголема победа однесе во својот омилен Птуј, додека Тирк најголема поддршка доби во Љубљана.
Победникот изјави дека нема да ги коментира политичките настани во земјата сè до свечената заклетва на 23 декември, кога ќе стане четврти по ред словенечки претседател.
Пахор во првиот круг имаше 40 отсто од гласовите, додека Тирк 36, а тогаш од трката испадна кандидатот на владејачката десница Милан Звер со освоени 24 отсто од гласовите.
Победата на Пахор му ја обезбеди коалицијата приврзаници на владејачките коалициони партии и опозиционата Социјалдемократска партија.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: