Американците изрекоа рекордна казна затвор за пиратерија!

Судија од Вирџинија одредил казна затвор од 40 месеци за Грегори Шервоник, 53-годишен човек од Њујорк кој бил член на групата Imagine, пирати кои во кино-салите ги снимаат новите филмови и потоа ги споделуваат преку интернет. Освен него, претходно се осудени и некои други членови на групата, па така Шон Лавлејди добил казна од 23 месеци во затвор, додека Вили Ламберт добил 30 месеци во затвор, а освен затворската казна, пиратите мораат да платат по 450.000 долари парична казна. 

Пресудата за уште два членови на оваа група се очекува во наредните неколку месеци. На еден 41-годишен пират од Флорида му се закануваат 5 години затвор поради неговата улога во оваа група и кршењето на авторски права. 

Според пресудата на Шервоник, кој, како и сите обвинети ја признал својата вина за снимање и дистрибуција на филмови во периодот од 2009 до 2011 година, тимот од Imagine бил одлично организиран, па првите илегални копии од филмовите чие прикажување штотуку започнало во кино салите се токму нивна заслуга. 

Во американското здружение за филм велат дека станува збор за најуспешната пиратска група, која станала позната по тоа што многу брзо ги објавувала новите филмови. Биле многу барани и поради квалитетот на снимките кои ги нуделе (еден од нив снимал со филмска видео-камера, а друг снимал посебен аудио канал, за подоцна да ги спојуваат видеото и звукот). 

Веб-сајтот Wired вели дека 40-месечната казна која му е изречена на Шервоник е најголемата казна која Америка до сега ја доделила за пиратерија. 

Пронајдете не на следниве мрежи: