„Пулс24“ објави за интересната сторија каде се навративме осум години наназад да се потсетиме дека во Македонија на теренот во Чаир за младата селекција на Португалија настапи токму денешната фудбалска ѕвезда Кристиано Роналдо, направивме интервју со единствениот стрелец за Македонија на тој меч, Борче Постолов, и вториот голман на тој меч, Јорде Георгиевски.
„Во тие квалификации бевме во една тешка група каде што игравме со една Португалија, Англија, Турција, Словачка… Тоа беа силни репрезентации каде македонската фудбалска репрезентација за играчи до 21 годишна возраст не можеше да дојде до израз. Да потсетам, за Турција играше Тунчај Санли, познато име, потоа за Англија настапуваа Џо Кол, Милнер, Шола Амеоби, играчи кои и до ден денес играат во најсилните лиги“ вели Борче Постолов за „Пулс24““, стрелецот на голот за Македонија на овој меч каде нашата селекција загуби со убедливи 1-4 на домашен терен.
Поранешниот младински репрезентативец во однос на натпреварот каде за Португалија на стадионот во Чаир се појави и денешната светска фудбалска ѕвезда Роналдо, нашиот соговорник вели…
„За натпреварот со Португалија, ние одигравме колку што можевме, тие беа многу силна селекција предводени од можеби најдобриот фудбалер на светот, Кристиано Роналдо. Иако изгубивме, мислам дека се претставивме во добро светло и одигравме над нашите можности, добро се сеќавам дека овој натпревар одеше низ директен пренос на МТВ 1, се сеќавам дека имаше прекрасна атмосфера во Чаир“ се присетува Борче Постолов.
Нашиот втор соговорник во оваа сторија, тогашниот втор чувар на мрежата за нашата млада селекција, Јорде Георгиевски, за „Пулс24“ вели…
„На тој натпревар точно е дека имаше уште тоа време големи имиња за кои времето беше пред нив, но сепак во тој момент позвучни имиња од Кристиано Роналдо беа Хуго Виана и Рикардо Кварезма. Натпреварот го изгубивме 1-4, и ако добро се сеќавам асистент на сите четири погодоци за Португалија беше токму Кварезма“ вели Георгиевски за „Пулс24“.
Георгиевски надополнува дека свесни биле за силината на Португалската репрезентација, но сепак не очекувале дека ќе бидат поразени со голема разлика.
„Во тој период имавме квалификации со доста квалитетни репрезентации, па така и не беше за нас нешто чудно што играме против Португалија. Знаевме дека се поквалитетни од нас и не очекувавме дека ќе изгубиме со толкава разлика“ заврши Јорде Георгиевски во интервјуто за „Пулс24“.
Пронајдете не на следниве мрежи: