Сослушан еден од најбогатите Срби

Српско правосудство и полиција во понеделникот во Белград околу четири часа го сослушуваа сопственикот на „Делта холдинг“, Мирослав Мишковиќ во врска со спорни приватизации.

Сослушувањето на еден од најбогатите и највлијателните луѓе во Србија предизвика исклучително внимание во српската јавност.
Мишковиќ, како што појаснија претставниците на правосудството и полицијата, бил повикан во својство на граѓанин, а не на осомничен. Тој пристигнал без придружба на адвокат, но избегнал да даде изјава или коментар пред медиумите.
Министерот за правда и државна управа на Србија, Никола Селаковиќ изјави дека Мишковиќ ќе биде сослушан во својство на граѓанин во врска со работењето на една од неговите компании „Делреал“ и дека нема ниту збор од одредување на притвор, како што претходно шпекулираа одредени белградски таблоиди.
Управата на холдингот, на чие чело е Мишковиќ, пред сослушувањето излезе со соопштение во кое се наведува дека  сите компании во рамки на „Делта холдинг“ работат согласно законот и дека сопственикот, ниту пак некој од неговото семејство, апсолутно никогаш не работеле со инкриминирани лица.
„„Делта холдинг“, е деловен субјект кој до минатата година вработуваше 25.000 лица и остваруваше три милијарди евра вкупен приход, по што беше најголемата компанија во Србија и една од најголемите во регионот. И денес „Делта холдинг“, со 7.700 вработени  е една од петте најголеми компании во државата“, стои во соопштението.
Локалните медиуми јавија дека по денешното сослушување, српската полиција деновиве одново ќе го повика Мишковиќ на сослушување во својство на граѓанин, овој пат во врска со работењето на „Нибелс групација“.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: