Словенечко Delo објави наводно писмо на словенечки полицаец кој и порачува на јавноста дека нема да го удира гладниот сосед, па ниту тогаш кога ќе му наредат.
Им порача на демонстрантите дека тој е дел од нив и дека ќе го спушти штитот, а на владата и порача дека се готови.
„Почитувани полицајци – колеги, пријатели, татковци и мајки на словенечки деца. Беше војна, имаше насилства, успешно ја одбранивме Словенија, само сакавме независност и поубав живот. Но сега останавме заробени, во затворот сме на словенечката полиција, лева и десна, во диктатура на Јанез Јанша, неосоцијално пореметена личност која нè води и која го ангажираше Винко Горенак, нашиот издајник благодарејќи кому примаме минимални плати. Токму тој Горенак ги предаде своите колеги“, пишува во писмото.
Понатаму продолжува.
„И така ние станавме дел од востанието, дел од словенечкото востание кое има две страни. Првата страна е народот кој сака да ја искорени тоталитарната диктатура на власта, а од друга страна се грст незаситни материјалисти кои заборавија дека ние Словенците сме луѓе. И ние луѓето, чија крв и срце се словенечки, нема да дозволиме Словенија да биде политичка елита. Јас сум вчудоневиден, не можам да верувам дека словенечката полиција повеќе се занимава со „криминал“ во кој спаѓа кражба на печиво и леб, кражба на основните работи за живот. Тие луѓе не се крадци и криминалци, тие се гладни!. Тоа го прават за да преживеат. Да преживеат во Словенија која требаше да стане нова Швајцарија. Тука повеќе не може да се живее. Тие гладни луѓе кои украдоа леб и печиво се осудени. А тајкуните, власта и градоначалниците не. Затоа само им порачувам на властите: сè уште сум човек, сè уште знам што е право, а што криво. Дури и кога ќе ја ставам кацигата, заштитниот елек и го држам пендрекот“, се вели во писмото.
Тој на властите им порачува дека повеќе нема да употреби сила против народот, дури и ако му наредат.
„Им порачувам на Горенак, Јанша и сите останати, леви и десни. Никогаш повеќе нема да удирам по оние што протестираат. Нема да тепам гладни луѓе, кои се гладни заради вашата неспособност. Нема да ги тепам луѓето кои се во право. Нема да удирам по гладниот сосед, синот, таткото, мајката, сестрата…! Нема да го правам тоа дури и да ми командуваат. Не сум така воспитан“, порачува полицаецот.
Понатаму во текстот ја изнесува и својата тешка материјална состојба.
„Политички не сум определен. Ова го пишувам бидејќи мојот петгодишен син за три месеца слави роденден. Му реков дека не може да ги покани пријателите. Бидејќи немаме пари, иако сопругата и јас сме образовани. Остана без зборови, многу плачеше. Му ветив дека следната година ќе има голема забава. И тоа најверојатно го излажав. Морав заради неговите солзи. Морав да го лажам своето дете заради неспособноста на власта, заради диктаторската политика која нема чувство за работниците.
Ова писмо го напишав заради сите нас обични луѓе. Јас ќе го спуштам штитот, ќе го тргнам шлемот, ќе ја занемарам наредбата, јас сум дел од вас, драги луѓе!
За Владата: Готови сте, ќе ги спуштиме штитовите!
Полицаец“, завршува писмото од анонимниот полицаец објавено во „Дело“.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: