Судиите на Светското Клупско првенство во Јапонија смеат да одбијат да ја користат технологијата која следи дали топката ја минала гол линијата. На натпреварувањето меѓу 8 клубови, меѓу кои ќе бидат и Челзи и Коринтијанс, ќе се тестираат двата системи – Hawk-eye и GoalRef.
“Без оглед на технологијата на гол линијата, судијата ја има конечната одлука.” – изјави Џером Валке од ФИФА. Освен на клупското првенство, технологиите ќе бидат тестирани и на Купот на Конфедерациите, како и на Светското Првенство во Бразил во 2014 година. Валке објаснува дека судијата пред натпреварот ќе добие шанса да го тестира системот, и ако не е задоволен може да одбие да го користи во текот на мечот. Лиценци за оваа технологија побарале 10 компании, но ФИФА одобрила само 2.
Hawk-eye кристи меѓу 6 и 8 камери под различни агли, кои ја следат положбата на топката. Податоците се претвораат во 3D видео, по што се покажува дали топката ја минала гол линијата. Судијата во рок од една секунда знае дали станува збор за гол или не.
GoalRef користи магнетни сензори и електронски модифицирана топка. Штом топката влезе во голот, сензорите чувствуваат мала промена во магнетното поле, па судијата повторно знае дали станува збор за гол.
Двата системи праќаат податоци на уред кој судијата може да го носи како часовник. GoalRef ќе се инсталира на Јокохама стадионот, а Hawk-eye на Тојота стадионот во Јапонија.
Инаку, Hawk-eye веќе се користи во тенис и крикет.
Пронајдете не на следниве мрежи: