Научниците меѓу фосилните остатоци во лондонскиот музеј откриле диносаурус кој би можел да биде најстариот до сега. Фосилите кои во музејот биле со децении, сега се идентификувани, а се мисли дека се стари околу 245 милиони години. Тоа се 10 до 15 милиони години постари остатоци од досега идентификуваните примероци. Диносаурусот бил голем колку просечен лабрадор, со тоа што имал опашка долга околу 1.5 метри. Наречен е Њасасаур (nyasasaurus parringtoni) по езерото Њаса (познато и како езеро Малави), односно по професорот од Кембриџ Рекс Парингтон, кој ги открил остатоците кај езерото во текот на 1930-тите.
Пол Берет од Природонаучниот Музеј во Лондон вели дека со ова е затворено уште едно прашање во фосилната сложувалка, односно поместено е времето во кое се верува дека постоеле диносаурусите. Додава дека овие остатоци се проучувани и пред 60 години, но тогаш не бил доведен никаков заклучок.
Истражувачите велат дека според карактеристиките на овој и на уште еден сличен фосил, може да се заклучи дека се работи за диносаурус. Коските со трагови на брз раст и други карактеристики на фосилите се типични за диносаурусите.
“Анатомијата на неговите колкови е уникатна за диносаурусите, така што сме сигурни дека ова е животно кое е многу блиско на диносаурусите.” – додава Берет. Верува дека диносаурусот одел исправено, а должината од главата до опашката му била меѓу 2 и 3 метри, додека бил тежок од 20 до 60 килограми.
Во неговото време, сите континенти биле споени во Пангеа, а овој диносаурус живеел на јужниот дел, кој ги вклучувал Африка, Јужна Америка, Антартикот и Австралија.
Пронајдете не на следниве мрежи: