Мазлум Хасан се најде на врвот од листата што ја направивме според податоците од анкетните листови објавена на интернет страната на Антикорупциска.
Хасан поседува куќа со двор од 600 метри квадратни во Венеција, Италија вредна 60 милиони денари. Во Венеција има уште една куќа од 32 милиони денари, има куќа во село Коџаџик од 1.600 метри квадратни вредна 30 милиони денари.
Градоначалникот на малата општина во југоисточна Македонија поседува три автомобили, “мерцедес“, “ауди“ и “лада нива“ со вкупна вредност од околу 11 милиони денари и еден автомобил на неговата сопруга “бмв х-5“ вреден 3,3 милиони денари.
Но, она што го прави овој функционер ултра богат во споредба со останатите се семејните бизниси во Венеција. Фирмата која е на име на неговите деца “Стар Хаус“ е проценета на 733 милиони денари. Во анкетниот лист стои и фирмата на неговиот брат “Стар Системи“ вредна 61 милиони денари, фирмата на неговата сопруга “Стар Хаус – Имобиларе“ е со исто толкава вредност.
Хасан поседува уште две фирми во Скопје со проценета вреднос од 12 и 15 милиони денари.
Останатите колеги на Хасан се далеку од неговото богатство.
Втор на листата најбогати градоначалници се најде првиот човек на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.
Вредни куќи, земјишта, девизни и денарски штедни книшки, автомобили и три фирми го сочинуваат богатството од 303 милиони денари на градскиот татко на Крива Паланка.
Алексовски во Крива Паланка живее во дом вреден нешто повеќе од 15 милиони денари, се релаксира во куќата во Гиновци вредна 5,5 милиони денари, а станот што го поседува во Скопје му вреди 7,3 милиони денари.
Градоначалникот на Крива Паланка, според анкетниот лист, има четири девизни штедни книшки на кои има вкупна заштеда од 146 илјади евра, една денарска заштеда од 432 илјади денари. Неговите две деца имаат штедни влогови од по 25 илјади евра.
Највреден имот на Алексовски е неговиот шпедиторски бизнис проценет на вкупна вредност од 30 милиони денари, а фирмата на неговата сопруга вреди шест милиони денари.
На третото место од нашата листа се најде Владимир Тодоровиќ, првиот човек на скопската општина Центар и сопственик на синџир маркети “Тинекс“.
Од податоците на анкетниот лист може да се пресмета дека Тодоровиќ располага со богатство од 199 милиони денари, но сепак оваа бројка е далеку од реалната бидејќи вредноста на фирмата “Тинекс“ и фирмата ќерка “Антера“ е непроценета.
Тодоровиќ поседува две куќи, во Скопје и Охрид, вредни 90 милиони денари. Стан од 50 метри квадратни во Скопје вреден три милиони денари. За две куќи не е наведена вредноста.
Останатите колеги на Тодоровиќ може да му завидат на заштедата од половина милион евра орочени во НЛБ Тутунска банка, за кои на секои три месеци добива камата од 8.000 евра.
Преземено од Нетпрес
Пронајдете не на следниве мрежи: