Македонија е рангирана на 69. место според индексот на перцепција на корупцијата во денеска објавениот Извештај на Транспаренси интернешенл (ТИ) за 2012 година.
Од државите во регионот, пред Македонија се Словенија на 37. место и Хрватска, која е на 62. позиција. Зад Македонија според индексот на перцепција на корупцијата се БиХ на 72. место, Бугарија на 75, Србија на 80, Грција на 94, Косово на 105 и Албанија на 113. Од рангирани 176 држави, најмалку корупција според Транспаренси интернешенл има во Нов Зеланд, Данска и Финска. Овие земји ги држат првите места благодарение на добриот пристап до информации и на правилата кои го определуваат поведението на државните службеници. Најкорумпирани држави во светот исто како и минатата година се Северна Кореја, Сомалија и Авганистан.
Корупцијата и натаму во целиот свет се доживува како разурнувачка активност на општеството, се наведува во годишниот извештај на меѓународната организација „Транспарентност“ (Транспаренси Интернатионал) за 2012 година.
Организацијата изготвува индекс за перцепцијата на корупцијата. Годинава е употребена нова скала од 0 до 100, а најмногу поени добиваат земјите каде чувството за корупција е најмало, додека 0 добиваат најкорумпираните.
Во новиот извештај две третини од 176-те земји, опфатени од истражувањето на организацијата, се со индекси под 50. Тоа покажува дека државните институции треба да бидат потранспарентни, а од влијателните државни службеници треба да се бара поголема одговорност, се наведува во извештајот на „Транспарентност“.
Податоците се собирани од набљудувачи на ТИ, како и од локалните експерти. Истражувањето се однесува на периодот од декември 2010 до септември 2011 година.
Преземено од Курир
Пронајдете не на следниве мрежи: