Невработеноста во Франција највисока во 13 години

Стапката на невработеноста во Франција во третиот квартал од 2012 година пораснала за 0,1 процентен поен, на 9,9 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво во последните 13 година, објави во четвртокот француската агенција за статистика INSEE.

Според стандардите на Меѓународната организација на трудот (ILO), статистичката агенција INSEE проценува дека во континентална Франција без работа биле 2,8 милиони луѓе.
Доколку на тоа се додадат и француските прекуморски територии, стапката на невработеност би изнесувала 10.3 отсто.
Стапката на невработеноста меѓу младите Французи на возраст меѓу 15 и 24 година се зголеми во набљудуваниот период за 1,4 процентен поен, на 24,2 отсто, додека меѓу лицата над 50-годишна возраст пораснала за 0,1 процентен поен, на 6,9 отсто.
Континуираното зголемување на невработеноста во последните пет квартали ја доведе стапката на невработеноста во Франција на највисокото ниво од третото тримесечје од 1999 година.
Користејќи ја другата метода за пресметување, INSEE утврдила дека во третиот квартал во континентална Франција без работа биле 3,6 милиони лица, вклучувајќи ги и оние коишто активно не барале работа или биле привремено недостапни за службите.
Според податоците, пак, на француското министерство за труд, во октомври 2012 година надоместокот за невработени го земале околу 3,1 милион луѓе.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: