КК Работнички, преку отворено писмо до јавноста, порача дека нема да биде заложник на мала група „навивачи“, кои ја злоупотребуваат навивачката група Сити Парк Бојс.
Во продолжение пиското од КК Работнички го објавуваме интегрално.
„Од моментот на превземањето на клубот, како нова управа, со цел создавање на подобар спортски навивачки амбиент на натпреварите, стапивме во контакт со претставниците на навивачката група Сити Парк Бојс. По одржаните првични состаноци, ние како раководно тело на клубот, ценејќи ја нивната посветеност и подршка која ја даваат на клубот, излеговме во пресрет на нивните барања за сезоната 2012/2013.
Во продолжение набројуваме неколку нивни барања во кое им беше излезено во пресрет:
– Едно од исполнетите барања беше набавка на материјал за изработка на навивачки кореографии за целата престојна сезона
-За секое гостување на групата вон Скопје, прифативме да им обезбедуваме (плаќаме) автобуски превоз. За таа цел од страна на клубот беа обезбедени два автобуси за пријателскиот турнир одржан во Куманово пред почетокот на првенството, а на барање на Сити Парк Бојс, уплатени беа средства на сметка на агенција која тие сами ја одбраа за патување на натпреварот во Кавадарци со КК Фени. Меѓутоа на натпреварот во Кавадарци групата не отпатува поради казната на КК Фени да игра натпревар на сопствениот терен без присуство на публика.
– На барање на претставниците на Сити Парк Бојс, управата прифати да изработи 100 дуксери за потребите на навивачката група.
– Прифативме изработка на 200 маици за потребите на навивачката група.
– Во заеднички договор беше одлучено на натпреварите во салата Градски Парк, цената на билетот за навивачката трибина да изнесува симболични 50 денари.
Меѓутоа, откако клубот во договор со истата група претставници од Сити Парк Бојс ја уплати бараната сума на фактура “За Автобуски превоз за мечот во Кавадарци”, на кој тие не отпатуваа, уплатените средства, иако беше ветено дека ќе бидат вратени во клубот, или искористени за патување на некој друг натпревар надвор од Скопје,сепак завршиле (по нивно кажување) во нивни раце како аванс за нарачаните дуксери.
По извесен период, за блузоните во фирмата која ги изработува констатиравме дека пријавената цена од страна на навивачите, не соодејствува со реалната која е 600 денари, или поточно, разликата во цена од еден блузон беше цели 400 денари. (Или вкупно 40.000 денари). Првично пријавената сума пред управата беше дека чинат по 1000 денари и дека биле од специфична изработка и само една фирма можела да ги изработи.
Единствено барање за кое Управата не се согласи уште во првиот момент беше обезбедување на средства кои ќе бидат користени за купување алкохол и седенки пред секој натпревар на КК Работнички.
Договорот за плаќање влезници го прекршија веќе на мечот со Лирија кога насилно влегоа на нивната трибина (напаѓајќи ги клубските редари) без притоа секој од нив да ги плати договорените 50 денари. Со невидена ароганција и дрско однесување, дел од тие луѓе на полувремето на истиот меч, се дрзнаа да влезат во клубската соблекувална и со висок тон и закани се обратиле/ги нападнале играчите и стручниот штаб во врска со доигрувањето на мечот. Заради тој нивни испад кој бил регистриран лично од страна на делегатот на мечот како и поради палење на пиротехника (но и низа други проблеми предизвикани од нивна страна), КК Работнички беше казнет од страна на Кошаркарската Федерација со 53.000 денари, а изречена е и казна од 2.100 евра од МВР поради инцидентите на истиот натпревар.
Откако и тука не застанаа, се обидоа да издејствуваат освен нив во салата Градски Парк, да нема друга група навивачи на КК Работнички иако во нивната претходна меѓусебна поделба, која е пред доаѓањето на новата управа и од причини кои не се поврзани со спорт и КК Работнички,стотина навивачи одделно присуствуваа и го бодреа клубот (пример е пријателскиот меч со Струмица). Ние како управа на клубот им предочивме дека нас подеднакво ни се важни сите искрени навивачи и не правиме поделби и разлика помеѓу нив. Откако ја одбија нашата иницијатива за спојување на двете групи и заедничко застанување на една трибина, одеднаш во јавноста прогласија бојкот на натпреварите на КК Работнички, со што сметаме дека директно ја изманипулираа и ставија во заблуда целата искрена армија навивачи на клубот но и обичните симпатизери на најтрофејниот кошаркарски клуб во земјава.
По сите работи кои ги манифестираа претставниците на навивачката група, само ни се наметнува прашањето кое воедно го упатуваваме кон останатите искрени поддржувачи на клубот: Дали вака треба да изгледа профил на вистински навивач, особено припадник на навивачката група Сити Парк Бојс?
Дали на претставниците на групата, остатокот од членството им служи како параван и добра можност за остварување на личните цели и интереси?
КК Работнички е најголем македонски кошаркарски бренд, клуб со богата и трофејна историја, кошаркарски миленик на огромен број симпатизери и искрени навивачи и нема да дозволи да биде заложник на мала група “навивачи”, кои очигледно навивачката група ја злоупотребуваат за лични цели.
За сите погоре изнесени информации, клубот поседува валидни докази.
И за крај, во соопштението воопшто не го споменавме насилното влегување во салата Градски Парк и оштетувањето на паркетот и еден од кошевите, не сакајќи да веруваме дека тоа може да биде дело на некој кој себеси се декларира како навивач на КК Работнички“.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: