Ракометарките против Данска во потрага по сензација

Женската ракометна репрезентација на Македонија, во сабота, против Данска, ќе се обиде да го поправи впечатокот, кој го остави по првите две средби и да покаже дека пласманот во завршницата на Европското првенство не е случаен.

Избраничките на Гино Стрезовски, пред себе имаат речиси невозможна мисија, бидејќи математиката говори дека и евентуална победа над Данска не гарантира пласман во осмина финалната група.
Доколку Франција ја совлада Шведска, тогаш на Македонија ќе и биде доволна победа, но ако Франција загуби, тогаш македонските ракометарки ќе треба да ја совладаат Данска со најмалку осум голови разлика, нешто што според досега прикажаното ќе биде рамно на сензација.
Селекторот Стрезовски, по загубените натпревари од Франција и Шведска, напоменуваше дека квалитетот е тој, дека самиот пласман на Еврпското првенство е огромен успех, но негова основна задача пред мечот со Данките ќе биде да го врати моралот и самодовербата, која по високите порази од Франција и Шведска, речиси и да ја нема кај репрезентативките.
Доколку ракометарките сакаат позитивен резултат, или пак чесно простување од континеталното првенство, ќе мора да одиграат во одбраната како во првото полувреме против Шведска и во исто време барем нешто да одиграат во нападот, кој во двете средби, едноставно не постоеше.
Подмладената Данска, која пред почетокот на првенството беше посочувана како репрезентација која може да се победи, во мечот со Македонија ќе влезе на ‘крилјата на успехот’ од натпреварот со Франција.
Натпреварот Македонија-Данска ќе го затвори третото коло во Б групата, чии домаќин е Ниш, истиот ќе започне во 20:15 часот, претходно својот натпревар ќе го одиграат Шведска и Франција.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: