Албанското собрание во петокот попладне за нов Јавен обвинител на Албанија го избра Адриатик Љаља, кој беше предложен од Претседателот на државата Бујар Нишани.
За Љаља гласаа 75 пратеници од вкупно 140 додека пратениците од опозицијата не зедоа учество во гласањето.
Љаља беше претседател на Советот на јавните обвинители, но и еден од советниците на досегашната јавна обвинителка Ина Рама. Тој е познат и по неговите изјави дека борбата против корупцијата треба да започне токму од судските институции.
Љаља доаѓа на оваа функција по бројните барања на меѓународниот фактор Албанија да се бори против големата корупција.
Дел од партиите на опозицијата сметаат дека смената на досегашната јавна обвинителка Ина Рама е предвремена бидејки според нив таа требало да остане на оваа позиција до мај идната година.
Макфакс