Владејачката коалиција во Грција ги усогласи деталите за даночните реформи

Конзервативците, социјалистите и умерените левичари во коалиционата влада на Грција, се согласија ноќта кон саботата околу  деталите за даночната реформа, која, како што се очекува, дополнително ќе ги намали приходите на Грците, пишуваат грчките медиуми.

Се претпоставува дека законот кој е подготвен по барање на доверителите од ЕУ и ММФ, ќе биде доставен до парламентот во текот на следната седмица. Неопходноста од компромис на сите три партии од владината коалиција, чии гласови во парламентот се потребни за донесување на законот, ја исклучи можноста од широки промени во даночното законодавство, што се обиде да го издејствува премиерот Антонис Самарас.

Така, во писмената изјава што по состанокот ја објави коалициониот партнер на Самарас, социјалистичкиот ПАСОК, се наведува дека иако промените во законот се во вистинската насока, тие се „селективни“ и ќе се применуваат само со цел да се намали буџетскиот дефицит.
Се претпоставува дека со новиот закон ќе се воспостави нето данок, кој ќе претставува главно оптоварување за оданочувањето на средната класа. Така, оние Грци коишто заработуваат повеќе од 25 илјади евра годишно ќе плаќаат 36 отсто данок на доход, додека оние што заработуваат повеќе од 40 илјади евра – ќе плаќаат 40 отсто. Практично се елиминираат и голем број социјални исплати, на пример, додатоците за повеќе деца, за трето и секое следно дете, нема да надминуваат 500 евра годишно. Се воспоставува, исто така, 50 отсто даночно олеснување за младите и невработените. Во моментов, вкупната невработеност во Грција достигна 26 отсто, а кај младите се движи над 50 проценти.
Почнувајќи од 2010 година, Грција драстично ги намалува трошоците и ги зголемува даноците по барање на нејзините странски доверители од ЕУ и ММФ во замена за големите пакети финансиска помош. Во тој период грчката економија се намали за повеќе од 20 отсто, меѓутоа бидејќи програмата за намалувањето на буџетскиот дефицит и долгот не беше успешна, лошите перформанси на грчката економија продолжија и следните години.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: