Изминатиот викенд и понеделникот во Европа се забележани триесетина жртви на екстремно ниските температури и големите снежни врнежи, од што дури 17 починати има во Полска.
Седумнаесет лица починаа во Полска во текот на изминатите три дена како резултат на ледениот бран што ја зафати земјата минатата седмица, пренесуваат во понеделникот тамошните медиуми. Десет лица починале од премрзнување во петокот и саботата, а во неделата и ноќта кон понеделникот до смрт замрзнале уште седум луѓе. Во поголемиот дел од денот последните денови во Полска температурата изнесува минус 10,5 Целзиусови степени. Жртви на студеното време главно се бездомници. Секоја зима, полските власти апелираат до граѓаните да ја известат полицијата доколку забележат бездомници на отворен простор, а се отвораат и засолништа каде може да се преноќи и да се добие топол оброк.
Многу жртви се регистрирани во неделата и во Швајцарија, каде што во 11 луѓе беа затрупани снежна лавина.
Од многу ниските температури во Чешка во текот на викендот починаа седум лица. Во текот на ноќта температурата падна до минус 27 Целзиусови. Според полицијата на Чешка, од измрзнување починале пет лица во регионот Моравија а два во централниот дел на Чешка. Рекордно студено време ја погоди Чешката Република во последните неколку дена. Според информациите на метеоролошката служба, за време на викендот ноќите биле одбележани со рекордно ниски температури во многу делови на земјата. Така, во местото Корженове-Јизерце температурата паднала до минус 27,8 степени, во Јелене до минус 26,6, а во Бедржихове до минус 22,4 Целзиусови степени. Метеоролозите предупредуваат дека и во следниот период ноќите во Чешка ќе бидат многу студени и со обилни снежни врнежи.
Најмалку шест лица починаа од студот на Балканот, во неколку земји: Хрватска, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, каде што има големи застои на сите видови сообраќај, а некои области останаа без снабдување со електрична енергија.
Во Хрватска од бурата загинаа четири лица. Снежната покривка во планинските области на земјата достигна 120 сантиметри, а температурата на места падна до минус 14 Целзиусови степени. Многу патишта, вклучувајќи ја и една од главните делници во земјата – автопатот Загреб – Сплит, на места е затворен или строго е ограничен сообраќајот. Многу возачи паднаа во „снежна стапица“ без вода, храна и гориво.
Во северниот дел на Црна Гора, некои патишта се затворени поради снегот и силните ветрови. Температурата на воздухот во планинска област падна на 12 степени под нулата.
Во Босна и Херцеговина, стотина куќи беа без електрична енергија во неделата вообласта на Хан Пијесак, во источниот дел од земјата. Снежната покривка во планинските области достигна 80 сантиметри, а температурата под минус 10 Целзиусови степени.
Во Србија, снежните врнежи не престануваа повеќе од 30 часа, а за тоа време снежните наноси достигнаа 40 сантиметри. Во различни делови на земјата од завеаните патишта беа евакуирани 661 лица, меѓу кои 30 деца. Од премрзнување во последните неколку дена, според првичните податоци во Србија починале три лица. За справување со невремето, српските власти ја мобилизираа и армијата, а со тенкови беа расчистувани шлепери и камиони кои ги блокираат патиштата во бачкиот дел на Војводина во североисточниот дел на земјата.
Минатиот викенд имаше прекини на работата на повеќе големи европски аеродроми. Повеќе од сто летови беа одложени од меѓународниот аеродром во Амстердам, градот од петокот е зафатен со обилните снежни врнежи. Поради лошите временски услови, исто така, имај одложувања и откажувања на автобуските и железничките правци, но нивниот број е помалку сериозен отколку што стравуваа локалните власти.
Во неделата повеќе од 370 летови беа откажани поради обилните снежни врнежи на меѓународниот аеродром во Франкфурт на Мајна, најголемиот воздухопловен центар во Германија и трет најпрометен аеродром во Европа. Не можеа да полетаат 205 авиони, а на 172 им беше откажано слетувањето. Поради лошите временски има големи доцнења и во железничкиот сообраќај.
Ситуацијата е нешто подобрена во понеделникот на меѓународниот аеродром во Берлин, каде што се пријавени само 20-минутни поради расчистување на пистите, меѓутоа нема откажани летови.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: