Симеоне: Историски ден за Фалкао

Радамел Фалкао, во неделата, стана првиот играч по Фернандо Мориентес кој постигнал пет голови на еден натпревар во шпанската Примера.

Мориентес, во 2002 година, како играч на Реал, постигна пет голови против Лас Палмас, додека Фалкао пет пати ја погоди мрежата на Депортиво Ла Коруња, во неделата навечер.
„Ова е историски ден за Фалкао, не знам дали некогаш некој играч на Атлетико ќе успее да постигне пет погодоци на еден натпревар. Фалкао е амбициозен, секогаш сака да постигне гол, а кога натпреварот е таков, а тој влегува во гол шанси тогаш е невозможно да биде запрен“, изјавил тренерот на ’јорганџиите’, Диего Симеоне, кој во декември минатата година го презеде Атлетико.
Фалкао, во досегашниот тек од Примера, на 15 натпревари има постигнато 16 погодоци, три повеќе од Кристијано Роналдо и седум помалку од Лионел Меси.
„Кога бев мал имам постигнато пет голови кога играв во Богота. Исто така, четири погодоци имам постигнато против Виљареал како играч на Порто, но како професионалец никогаш немам постигнато пет погодоци“, рече 26-годишниот репрезентативец на Колумбија, кој дома, како сувенир, однесе една од топките со кои се играше натпреварот Атлетико-Депортиво.
Фалкао напоменал дека опкружувањето во Атлетико му овозможило да стане уште подобар фудбалер.
„Бев многу возбуден кога дојдов во Атлетико – беше тоа личен предизвик да играм во одлично првенство со толку многу добри фудбалери. Уживам во се, Атлетико е одличен тим, имам поддршка од соиграчите кои ми помагаат уште повеќе да напредувам“, изјавил Фалкао.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: