Првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ и Американката Серена Вилијамс се прогласени за шампиони на Меѓународната тениска федерација (ITF) за 2012 година.
Ѓоковиќ во изборот го победи Британецот Енди Мари, благодарение на тоа што втора година по ред е број 1 на ATP листата. Српскиот тенисер во 2012 година ја одбрани титулата на Австралија Опен, освои четири титули на турнирите од Мастерс серијата, победи на завршниот Мастерс во лондон, а играше во финалето на Грен слем турнирите во Париз и Њујорк.
„Горд сум што втора година по ред од ITF сум прогласен за шампион. Беше многу тешко да се повтори 2011 година, но беше голема сатисфакција да се освои еден Грен слем, на уште два да се биде финалист и да се освои завршниот Мастерс“, изјавил Ѓоковиќ.
Серена Вилијамс по трет пат во кариерата ја доби наградата на ITF, до неа стигна благодарение на одличните резултати во втората половина од годината кога победи на Вимблдон, Олимписките игри, УС Опен и завршниот Мастерс во Истанбул.
„Неверојатно е искуството да се освојат две Грен слем титули и да се победи на Олимписки игри. Се надевам дека и во 2013 година ќе бидам еднакво успешна“, изјавила Вилијамс.
Во конкуренција на двојки наградата на ITF ја добија браќата Брајан во машка и италијанките Сара Ерани и Роберта Винчи во женска конкуренција.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: