Нема крај на агонијата во која се наоѓаат ЛА Лејкерс, екипата од Калифорнија против Кливленд го забележа 13-от пораз во 22-oт натпревар сезонава.
Кливленд, еден од најлошите тимови во Источната конференција ги совлада Лејкерси со 100:94. ’Езерџиите’ не победија иако Коби Брајант постигна 42 поени (шут од поле 16/28), а Двајт Хауард одигра одличен меч кој го заврши со 19 поени и 20 скокови.
Учинокот на овие двајца го поништи бекот на Кливленд, Кајл Ирвинг, кој по повредата, поради која пропушти 11 натпревари, се врати на паркетот и со 28 поени, 11 асистенции и 6 скока го предводеше својот тим.
Ист број на поени како Ирвинг постигна Си Џеј Мајлс, додека Андерсон Варежао мечот го заврши со 20 поени, 9 скока, 5 асистенции и 3 украдени топки.
Бруклин загуби од Њујорк во градското дерби со 97:100, Кармело Ентони ги предводеше Никс со 45 поени, покрај него двоцифрен број на поени постигнаа Џејсон Кид (18 поени, 6 скока, 6 асистенции) и Џеј Ар Смит (16 поени и 4 скока).
Ендрју Блатече со 23 поени беше најефикасниот играч на Бруклин, каде ’дабл-дабл’ забележа Дерон Вилијамс (18 поени и 10 асистенции).
Клиперси како гости победија во Чикаго, Блејк Грифин со 22 поени и 10 скока го предводеше тимот до победата од 94:89. Карлос Бузер со 23 поени и 13 скокови, односно Марко Белинели со 18 поени, 7 скока и 5 асистенции беа најдобрите играчи на Чикаго.
Гостински победи забележаа уште Детроит во Денвер 101:94 и Вашингтон во Њу Орлеанс 77:70.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: