Криминалистичката полиција на Србија во средата изутрина го уапси сопственикот на „Делта холдинг“ и еден од најбогатите Срби, Мирослав Мишковиќ, неговиот син Марко и уште неколку лица кои се сомничат за малверзации при приватизација на претпријатија за патишта.
Мирослав и Марко Мишковиќ претходните денови беа сослушувани во полицијата и министерството за правда во својство на граѓани, а полицијата во саботата го спречи Марко Мишковиќ со приватен авион да отпатува за Лондон и му го одзеде пасошот.
Покрај двајцата Мишковиќ, уапсени се и Мило Ѓурашковиќ, сопственик на „Нибенс групација“, „Шер корпорација“ и на Претпријатие за патишта Ниш (ПЗП), поранешните директори на ПЗП, Милутин Гашевиќ и Зоран Михаиловиќ, директорот на „Шер корпорација“, Ристо Ристиќ, претседателот на Собранието на акционери на ПЗП, Дејан Јефтиќ и уште неколку лица осомничени за милионски проневери.
Приведените се наоѓаат во зградата на Министерството за внатрешни работи, а се очекува да бидат префрлени во Обвинителството за организиран криминал. По сослушувањето ќе биде одлучено за можно покренување на истрага и за одредување на притвор.
Како што пренесуваат белградските медиуми, приведените се сомничат дека незаконски извлекувале финансиски средства од приватизираните претпријатија за патишта.
Мирослав Мишковиќ е сопственик на „Делта холдинг“, кој до минатата година вработуваше 25.000 лица и остваруваше три милијарди евра вкупен приход. Денес има 7.700 вработени и е меѓу петте најголеми компании во Србија.
На почетокот на минатата година, Мишковиќ на белгиската компанија „Delhaize” и го продаде трговскиот синџир „Delta Maxi” за 932,5 милиони евра.
Мишковиќ својата бизнис империја и големо богатство почна да ги стекнува користејќи повластена позиција, благодарение на врските со режимот на Слободан Милошевиќ.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: