По Фудбалскиот сојуз на Замбија, сега и бразилскиот фудбалски великан Фламенго, го оспорува рекордот на Лионел Меси, за најмногу постигнати погодоци во една календарска година.
Меси, официјално, досега во 2012 година има постигнато 88 погодоци, два постигна во средата навечер во Купот на Шпанија, а Аргентинецот во неделата го собори рекордот на Герд Милер, кога стигна до бројката од 86 постигнати голови.
Бразилците од Фламенго тврдат дека легендата на светскиот фудбал, Зико, во 1979 година постигнал 89 погодоци.
„Меси сé уште не го соборил рекордот за најмногу постигнати голови во една календарска година“, тврди за весникот ’Ленс’, статистичарот на Фламенго, Бруно Лусена.
Тој пресметал дека во 1979 година, Зико, за Фламенго постигнал 81 гол, седум пати бил стрелец во националниот тим, а еден гол постигнал на натпреварот Аргентина-Репрезентација на светот.
Според Лусена, Зико таа година би постигнал и повеќе голови, да не му се случела двемесечната пауза поради повреда.
„Доколку беше здрав и да играше целата година, желбата му беше да постигне 100 голови“, изјавил Лусена.
Покрај Фламенго, рекордот на Меси го оспорија и Замбијците, шпанскиот весник ’Ас’, во вторникот, објави дека легендарниот играч на Замбија, Готфрид Читалу во 1972 година постигнал 107 погодоци, податок кој Светската фудбалска федерација (ФИФА) го прифати со скептицизам.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: