Fitch го потврди највисокиот рејтинг на Франција и негативната прогноза

Меѓународната рејтинг агенција Fitch во петокот го потврди највисокиот кредитен рејтинг за Франција од ’ААА’, но со негативна прогноза, предупредувајќи дека идните оцени за францускиот бонитет зависта од економските реформи, особено на пазарот на трудот.

„Потврдата за рејтингот ’ААА’ за Франција е поткрепена од богатата и разновидна економија, стабилните, политички, граѓански и општествени институции, како и со извонредната флексибилност на финансирањето коешто го одразува нејзиниот статус на голем референтен државен издавач на обврзници“, се наведува во соопштението на Fitch.
Од агенцијата наведуваат дека ја задржале негативната прогноза за францускиот рејтинг, што значи дека во иднина може да го намали, притоа напоменувајќи дека оцените за бонитетот ќе зависат од темпото и обемот на економските реформи, особено од реформите на францускиот пазар на трудот.
„Бидејќи реформата на пазарот на трудот ќе биде клучен показател на политичката и јавна поддршка на клучните мерки кои би требало да ја подобрат конкурентноста и потенцијалот на растот на француската економија, потребно е зајакнување на довербата во долгорочната одржливост на јавните финансии“, велат натаму од Fitch.
Меѓу слабостите на француската економија, кога станува збор за кредитниот профил, од агенцијата го издвојуваат нивото на јавниот долг, за кој проценуваат дека до крајот на 2012 година ќе достигне неверојатни 90 отсто од бруто домашниот производ (БДП), во споредба со просечните 53 отсто во другите земји со највисоки рејтинзи.
А во оваа група, повисоко ниво на долгот од Франција имаат само САД и Велика Британија, додека во Германија тој изнесува 82 отсто од БДП-то и земјата има намера идната година да го намали.
Од Fitch нагласуваат дека внимателно ќе следат дали француската влада ќе ги исполни „своите цели поврзани со дефицитот и долгот и ќе спроведе структурни фискални мерки кои убедливо ќе го поддржат тврдењето за пад на јавниот долг од 2014 година“.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: