Познавачите на пазарот на капитал, велат дека доколку во моментов излеземе со еврообврница за истата ќе треба да плаќаме седум до осум проценти камата, која е за повеќе од шест пати повисока од каматата која ја добиваме од Светска банка.
Колку ќе плаќаат во наредните седум години за камати, доколку не се усвои Буџетот и задолжувањето од Светска банка, е прашањето што деновиве го поставуваат македонските граѓани
Доколку не се донесе Буџетот на време, експертите велат дека каматата за еврообврзница, ќе биде значително повисока од онаа во моментов.
Ова значи дека доколку наместо кај Светска банка се задолжиме со издавање на еврообврзница, граѓаните и Република Македонија во наредните седум години ќе платат најмалку 84 милиони евра за камати.
„Самото одложување на донесувањето на буџетот, упатува кај инвеститорите во странство лоша порака, бидејќи го нема најважниот инструмент, а тоа е Буџетот, кој го определува крвотокот на економијата. Тоа создава скептичност кај странските кредитори, за исплатливоста на вложувањето на нивните средтсва и сигурноста на нивниот повраток“, вели Томе Неноски, универзитетски професор.
Како што објаснува Неноски, редовна појава во таква ситуација е каматната стапка по која се одобрени кредитите да биде поголема од пазарната, заради вкалкулирање на каматата во тие ризици.
„Евентуалното задолжување кај други извори на средства а не кај оние на Светска банка, би значело отплата на многу повисока камата од таа по која Светска банка сега ни нуди камата, што при евентуално задолжување би значело дополнителен товар за буџетот и сегашните и идни генерации“, потенцира Неноски.
Според него, можна е и друга варијанта, а тоа е ако Македонија биде принудена помалку да се задолжи во странство.
Во тој случај, додава Неноски, истото би создало ризик за недоволно средства за финансирање на капиталните активности што взаемно би делувало негативно за стапката на раст на Бруто домашниот производ.
Вицепремиерот и Министер за финансии, Зоран Ставрески, во четвртокот на собраниска седница повторно апелира опозицијата да не го опструира донесувањето на буџетот и задолжувањето кај Светска банка, укажувајќи дека договорените заеми се со исклучително поволни услови и оти во спротивно Македонија ќе има штета од 84 милиони евра.
„Во време кога финансиските пазари се прилично лоши, кога Европа е во криза и кога сите земји настојуваат да обебзедат финансиски средства, ние ги добиваме со 0,6 отсто тие 50 милиони долари. Вториот заем од Светската банка којшто е практично од деловни банки, но со гаранција од Светската банка, ни ги даваат заради добрите перформанси и заради тоа што сме дисциплинарани и во делот на буџетската политика и фискалниот дефицит, но и во делот на долгот и колку вие да се трудите тоа да го негирате не можете да го смените мислењето на меѓународните институции“, рече Ставрески.
Макфакс