Фудбалската репрезентација на Македонија, во петок, на арената „Филип Втори“ ќе го одигра натпреварот од третото коло, во рамките на квалификациите за пласман на СП во Бразил.
Противник на избраниците на селекторот Чедомир Јаневски ќе биде Хрватска, официјално 11-та светска репрезентација.
Двете репрезентации, пред еден месец, во Загреб, го отворија овој квалификациски циклус, тогаш победи Хрватска, со голот на Јелавиќ.
Македонија на тој натпревар прикажа добра игра, во текот на целиот натпревар беше рамноправна со фаворизираниот противник, но „црвено-жолтите“ не ги искористија своите шанси.
Токму на тоа предупреди капитенот Горан Пандев, според кого Хрватска не е репрезентација која на противникот му дозволува да создаде голем број на чисти шанси за постигнување на гол, па затоа секоја можност во Скопје ќе мора да биде реализирана.
Капитенот на националниот тим рече и дека не треба безглаво да се тргне од самиот почеток и како што вели „не треба да не понесе атмосферата, мора да одиграме паметно, бидејќи Хрватска е репрезентација која знае да ја казни секоја грешка“.
Според селекторот Јаневски најважно ќе биде Македонија да ја повтори играта од првиот меч, на теренот неговите избраници повеќе да ја имаат топката кај себе и со куси и брзи проигрувања де се обидат да стигнат до голот на противникот.
Хрватите, од друга страна, со огромна доза на самодоверба допатуваа во Скопје: „дојдовме овде по трите бода“, рече нивниот селектор Игор Штимац.
Составите сеуште се енигма, иако се претпоставува дека и Штимац, формациски ќе одигра како и Јаневски 4-2-3-1.
Двајцата селектори немаат проблеми со повредени и казнети играчи, што значи дека Јаневски и Штимац сметаат на најдобрите играчи.
Натпреварот Македонија-Хрватска ќе започне во 20:30 часот, пред овој меч Хрватска, на табелата во А групата има четири бода, Македонија во стартните два меча освои еден бод.
Макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: