Американската порота во петокот пресуди дека јужнокорејската компанија Samsung ги копирала карактеристиките на многу популарните уреди IPhone и iPad поради што на американската компанија Apple треба да и’ исплати над милијарди долари отштета.
Пресудата може да доведе до забрана на продажбата на главните производи на Samsung и веројатно ќе ја зацврсти доминацијата на Apple на растечкиот пазар на мобилното комјутерство.
Поротата во судот во калифорнискиот град Сан Хозе помалку од три дена одлучуваше за седумте тужби на Apple и петте тужби на Samsung за кршење на правата на патентите, што сугерира дека деветте членови на поротата имале малку тешкотии во заклучувањето дека Samsung ги копирал iPhone и iPad, како и во одредувањето на отштетата во износ од милијарда и 51 милион долари.
Apple и Samsung, двете компании коишто продаваат повеќе од половината паметни телефони и таблет компјутери во светот, изминатата година судски се спореа во неколку земји во светот околу патентите и дизајнот на нивните производи.
Судот во јужнокорејската престолнина Сеул претходно во петокот пресуди дека и двете страни се одговорни за кршењето на патентните права, и му наложи на Samsung да ја запре продажбата на десет производи, вклучувајќи ги и попуалрниот мобилен телефона Galaxy S II, додека на Apple му забрани продажба на четири производи, меѓу кои и е iPhone 4.
Меѓутоа, постапката во САД, на најголемиот и највлијателниот технолошки пазар, се смета за најважната.
Борбата меѓу двата технолошки гиганта започна во 2011 година кога Apple го тужеше Samsung во повеќе земји, обвинувајќи ја јужнокорејската компанија за копирање на неговите производи iPhone и iPad, за што бараше отштета од 2,5 милијарди долари. Од Samsung, пак, одговорија со противтужба.
Двете компании буквално се борат, меѓутоа меѓусебно соработуваат во износ од пет милијарди долари. Apple имено е најголемиот купец на Samsung за микропроцесори и други делови коишто ги вградува во своите производи.
Американската порота најголемиот дел од август го мина слушајќи ги сведочењата и испитувањата на доказите во преполната судница на сојузниот суд во Сан Хозе во чија близина, во Купертино се наоѓа седиштето на Apple. Пред завршните зборови на адвокатите, поротниците од судијката Луси Кох на 21-ви август примија правни упатства на 100 страници.
Адвокатите на Apple ја обвинија јужнокорејската компанија дека тргнала „по покусиот пат“ откако сфатила дека не може да го држи чекорот со американскиот конкурент. Од друга страна од Samsung на Apple му го оспоруваа исклучивото право на, на пример, геометрискиот дизајн, како што се правоаголниците со заоблени агли. Од Samsung отштетното барање на Apple го оценија како „смешно“, а поротата ја предупредија дека пресудата во полза на американската компанија може да ја задуши конкуренцијата и на потрошувачите да им ја намали можноста за избор.
Инаку претходно во јуни годинава, судот во Холандија пресуди дека Apple мора да плати отштета на Samsung бидејќи неовластено искористил патент поврзан со начинот на кој мобилните телефони, лаптопите и таблет компјутерите се спојуваат на интернет. Износот на отштетата не е утврден, а ќе биде одреден според заработката од продажбата на апаратите IPhone и iPad во Холандија.
макфакс
Пронајдете не на следниве мрежи: