Издавачкиот центар ТРИ издаде нови изданија книги за кои можете повеќе да дознаете во продолжение.1. „Шест упанишади“
Превод: Светлана Камџијаш
Да се има пред себе збирка од Упанишадите е исто како да сме добиле прастаро ковчеже кое ги содржи трите придобивки на алхемијата: еликсирот на животот, каменот на мудроста и можноста минливото да се претвори во трајно (злато). Но за да се дојде до неговата содржина, како и за сите вредности на овој свет – потребен е напор. Најдрагоцените нешта се секогаш добро скриени. Ковчежето е многу старо, тешко се отвора, иако неговата содржина е безвременска.
За оној што сепак решил да ѕирне надвор од времето, зад мерливите и конечни појави, што решил да го вложи тој напор за да навлезе и да го сподели „медот“ од тајните учења што мудреците им го пренесувале само на избраните, самите Упанишади поставиле насоки. Најстарите учења на човештвото, содржани во Упанишадите, се потврда дека човек може да дојде до крајното спознание во кое „да се знае“ е еднакво со „да се биде“. Согледувањето на битието и втопувањето со таа неуништлива реалност е можно сега и овде.
Повеќе за книгата – https://www.kniga.mk/tri/novi- izdanija/shest-upanishadi.html
2. „Хитопедаша“ – Нарајан Пандит
Превод од санскрит: Александар Ускоков и Виктор Илиевски
Хитопадеша, односно Благодатен совет, дело на Нарајан Пандит, напишано најверојатно некаде околу десетти век, по многу нешта стои во врвот на најважните санскритски дела на сите времиња. Таа е меѓу првите дела преведени на европските јазици од, веројатно, најбогатата светска книжевна и философска традиција. Таа е и дел од незаменливата лектира во современиот образовен систем на Индија – дело со кое младите Индијци се запознаваат од најрана возраст.
По структура, Хитопадеша е мешавина на поезија и проза. Притоа, значителен дел од текстот напишан во строфи е преземен од голем број познати класични дела на индиската книжевност, како што се Махабхарата, Чанакја-нити-дарпанам, Пањчатантра итн., додека прозните делови се басни. Така, Хитопадеша е збирка на басни чии наравоученија се дадени во стих. Она што ја прави Хитопадеша толку важна е фактот што таа е своевидна антологија на староиндиската етика.
Имено, наводите од гореспоменатите класични дела се избирани по етички терк и многу вешто извезени низ басните. Во таа смисла, таа е несомнено делото кое – покрај Бхагавад-гита, но од едно друго стојалиште – најдобро го одразува староиндискиот дух.
Оттука нејзиното издавање на македонски јазик е императив, доколку нашата култура сака да продолжи да се запознава со најдоброто од другите култури.
Повеќе за книгата – https://www.kniga.mk/tri/novi-izdanija/hitopadesha.html1. „Шест упанишади“
Превод: Светлана Камџијаш